Народен правобранител: Има недоволна грижа за менталното здравје на учениците

by Fokus

Недостиг од учебници или користење оштетени во наставата, недоволна грижа за менталното здравје на учениците, немањето образовни асистенти за учениците со попречености во средните училишта и влијаниаето на енергетската криза врз работата на училишта се нотирани во Информацијата на Народниот правобранител за констатираните слабости при остварувањето на правото на образование и спроведувањето на воспитно-образованиот процес во основните и средните училишта во земјава, која е доставена до Министерството за образование и наука.

Со оглед дека учебната година е во тек, пандемијата со Ковид-19 е се уште присутна, Народниот правобранител му препорачува на Министерството да побара стручно мислење од Комисијата за заразни болести во однос на начинот на следење на настава на хронично болни деца ученици и на ученици кои имаат хронично болни лица во нивните семејства. Притоа потсетува дека сите инволвирани во наставниот процес треба да се грижат и да придонесат за безбедно и непречено одвивање на образовниот процес на децата.

Извештајот се осврнува и на трагичниот настан во гимназијата „Р.аде Јовчевски Корчагин“ – Скопје, за кој вели дека сериозно ја потресе јавноста и отвори многу прашања кои бараат сериозна анализа, меѓу кои и прашањето за грижата за менталното здравје на учениците и колку е тоа предмет на анализа и работа на наставниот и стручниот кадар од училишните стручни служби. Народниот правобранител констатира дека мал број ученици имале поддршка од страна на педагошко-психолошката служба, и во мал број на училишта се одржале предавања на тема подобрување на психолошката добросостојба.

-Имајќи го предвид наведеното, како и неодамнешниот настан, во кој средношколец си го одзеде животот, Народниот правобранител укажува дека училиштата, покрај воспитно-образовната дејност, даваат клучен придонес во емотивниот и конгнитивниот развој на децата и имаат значајна улога во општествениот развој и промените. Следствено, вработените во училиштата, наставниот кадар и стручните тимови, со оглед на значајната улога во процесот на заштита на децата, на потребите и грижите на децата потребно е да им пристапуваат чувствително грижејќи се за нивните права, приватност и достоинство, се наведува во Извештајот.

Народниот правобранител е на мислење дека Министерството за образование и наука, во соработка со другите ресорни министерства (Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика), и во координација и соработка со училиштата, институциите за заштита на децата, како и локалните самоуправи континуирано треба да преземат активности и мерки за заштита на менталното здравје, како и безбедност на учениците во училиштето и надвор од него.

Исто така, стручните соработници во училиштата, потребно е да бидат едуцирани и обучени за рано откривање на проблеми во менталното здравје на децата, да ги препознаат знаците од нарушено ментално здравје, со цел превенција, спречување и минимизирање на немили настани кои го загрозуваат здравјето, добросостојбата, и животот на учениците, со почитување на правата на децата и нивниот најдобар интерес.

Констатира и недостиг од образовни и лични асистенти за учениците со попреченост вклучени во редовните училишта и дека тоа претставува сериозна бариера за непречено остварување на правото на образование на секое дете.

Во однос на актуелната енергетска криза во државата, се наведува во Извештајот, од аспект на почитување и непречено остварување на правото на образование на децата/учениците, имајќи ги предвид надлежностите на ова Министерство, кое преку блок-дотации до општините го финансира греењето, а менаџирањето на средствата е во надлежност на локалната самоуправа, укажува дека е потребно Министерството за образование и наука, во соработка со локалната власт, директорите на училиштата на локално и централно ниво, преку спроведување сеопфатна анализа, да ја согледа моменталната состојба за подготвеноста на училиштата за грејната сезона, се со цел непречено реализирање на воспитно-образованиот процес за децата во зимски услови.

 

Поврзани новости