Нарачаните текстови на „Доказ“ за новинарките на „Фокус“ следувале по написите за Арсовска и „Империја“!

Во гостување на ТВ 21, Ирена Мулачка и Валентина Вурмо рекоа дека примиле абер од посредници да престанат да пишуваат за имотот на Арсовска и за случајот „Империја“, ако сакаат да престане јавниот линч преку порталот на Стаменковски со лажни и навредливи текстови.

by Фокус

Новинарките на „Фокус“ Ирена Мулачка и Валентина Вурмо, кои беа меѓу жртвите на хајките на порталот „Доказ“, велат дека станале мета на линч на Марјан Стаменковски откако пишувале за имотот на семејството на скопската градоначалничка Данела Арсовска и за случајот „Империја“.

-Во февруари започнав серијал на текстови за имотот на таткото на градоначалничката Арсовска. Два дена после третиот текст, кога со колегата отидовме да ги сликаме сите објекти што ги посетува нејзиниот татко – старски домови, хотели и се тоа што е објавено во „Фокус“,  излезе (во Доказ) првиот текст за мене – рече Мулачка во гостувањето на ТВ 21.

Таа додаде дека тоа на некој начин може да изврши притисок врз работата, но, како што потенцира, продолжила со објавување на текстови, што автоматски резултирало со контратекстови на „Доказ“.

-Јас ќе имам серијал за Арсовска, тој (Стаменковски) ќе има за мене. Мислам дека 6-7 такви текстови излегоа. И во самите текстови тој пишуваше која сум јас да пишувам за градоначалничката, која работела 24/7, како сум можела да се дрзнам да го споменам нејзиното име, како јас како новинар што сум водел здравство сега се префрлам на градски теми. А, тоа се најкултурните работи што ги има нашишано – вели Мулачка.

Таа додава дека, сепак, не дозволила овие нарачани текстови со низа лаги и навреди да ја цензуираат.

-Јас терав кај мене, тој кај него, се до еден момент кога имав текст за опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на стопански комори, за што Арсовска била повикана во полициска станица. Тука добив повик од посредник да се видам со градоначалничката, иако јас барам да се видиме многу време наназад – рече Мулачка.

Што се однесува до Вурмо, таа вели дека текстовите во „Доказ“ за неа следувале откако пишувала за случајот „Империја“, во кој, како што е познато, дел од обвинитени признаа вина и се спогодија со обвинителството ,  додека некои обвинети одбија да признаат вина и седнаа обвинителна клупа.

-Кога ќе имав текст за случајот „Империја“ во неделникот „Фокус“, по неколку дена ми следуваше текст од Стаменковски. Исто така, во тој период добивав и „добронамерни“ да речам совети од познаници дека доколку престанам да пишувам за случајот ќе престанат и објавите. И, морам да признаам дека, иако јас продолжив да си ја вршам својата работа, на еден начин тоа ми беше притисок – вели Вурмо.

Инаку, денеска се одржа второто рочиште против сопственикот на „Доказ“  Марјан Стаменковски, кој е обвинет за повеќе кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Конечно да се издвоиме кои сме новинари, а кои се натрапници и рекетари, порачаа новинарките на „Фокус“ по денешното рочиште против Стаменковски

Поврзани новости