Претседателот Стево Пендаровски во интервју за „360 Степени“ ги демантира австриските написи дека во земјава има кампови за обучување на терористи. Тој вели дека напаѓачот од Виена, Кујтим Фејзулаи, кој по потекло е од тетовското село Челопек, ретко доаѓал во земјава.
-Станува збор за една хајка во еден дел од австриската јавност, во насока дека Балканот е плодна почна за терористички работи и дека од таму само лоши работи може да дојдат. Но, тој терорист е роден во Австрија и целокупното свое образование, какво и да било, е во таа држава. Овде има доаѓано одвреме навреме на кратки посети да си ги види пријателите и роднините. Последниот пат бил пред Нова година на 25 декември 2019 влегол на скопскиот аеродром, а на 1 јануари 2020 се има вратено и за тие куси престои тука нема никаков контакт со лица за кои претпоставуваме дека имаат намера или да се борат во Сирија или дека се вратени од таму – рече Пендаровски.