Напаѓачот од геј клубот е 22-годишник, кој лани ѝ се заканувал на својата мајка со бомба

by Fokus

Дваесет и двегодишниот Андерсон Ли Олдрич е напаѓачот кој уби пет и рани 18 луѓе во геј клуб во Колорадо Спрингс, соопшти окружното обвинителство и полицијата.

Масакрот се случил во клубот Кју, а осомничениот е повреден и е во притвор. Се уште не е познат мотивот за нападот.

Окружниот обвинител Мајкл Ален на прес-конференција во Колорадо Спрингс изјави дека имало само еден вооружен маж.

„Доколку повеќе осомничени бидат идентификувани и уапсени, тие информации ќе ги споделиме со јавноста“, рече тој.

Новинар на Еј-Би-Си пренесе на Твитер изјава на шерифот на Ел Пасо, во која се вели дека Олдрич минатата година бил обвинет за закани со бомби кон неговата мајка и дека кај него биле пронајдени повеќе оружја. Тој исто така изјави дека се уште се истражува дали се работи за кривично дело од омраза.

Началникот на полицијата во Колорадо Спрингс, Адријан Васкез, изјави за новинарите дека младиот осомничен влегол во клубот и веднаш почнал да пука од пиштол.

„Додека напаѓачот беше во клубот, најмалку двајца храбри луѓе во клубот се бореа со него и успеаја да го спречат да продолжи да убива и повредува гости. Ние сме им многу благодарни“, рече Васкез на прес-конференција.

Поврзани новости