Популарниот вокалист на бендот ,,Парни ваљак”, Аки Ракимовски, нема да настапи на големиот концерт во чест на Тоше Проески во Скопје, како што беше првично најавено.
Поради поместувањето на концерот, кој требаше да се одржи на 13-ти октомври, на нов датум, втори ноември, Ракимовски нема да дојде во Скопје, бидејќи имал веќе претходно договорен настап во дискотеката Моришка Павиљонген во Малме, Шведска.
Инаку, по преживеаниот мозочен удар, Аки по подолга пауза им се враќа на настапите со концерт во Словенија, на 12-ти октомври, потоа на 26-ти октомври гостува во Задар, а настапот во Шведска ќе биде негов трет, по рехабилитацијата.
Се уште нема официјална информација и околу тоа дали останатите балкански ѕвезди кои требаше да настапат на концертот за Тоше, поради новиот термин ќе бидат во можност да дојдат во Скопје. Беше најавено дека покрај Ракимовски, хитовите на Проески ќе ги пејат и Борис Новковиќ, Јелена Томашевиќ, Ања Рупел и многу други.
Организатор на концертот е Меѓународната фондација ,,Тодор Проески”, а настанот е поддржан од Министерството за култура со пет милиони денари. Според фондацијата, концертот се одложи поради технички причини.
Вики Клинчарова