Најзаинтересираниот концесионер во последен момент се откажал да стопанисува со македонското етно село на Водно во следните 20 години, па сега Владата ќе управува со комплексот, јавува телевизија 24 Вести.
Фирмата „Тренд инвест“, која ја доби концесијата за половина милион евра или 2 илјади евра месечно, во образложението навела дека се откажува поради деловни причини.
Од Министерството за економија за телевизија 24 Вести велат дека Владата, односно службата за општи и заеднички работи ќе го отвори овој комплекс, но се остава можност доколку има заинтересирана страна да се склучи јавно-приватно партнерство.
-По известувањето добиено од приватниот партнер, Владата направи анализа и процени дека поради природата на работењето на комплексот, најсоодветно ќе биде со него да управува Службата за општи и заеднички работи при Владата, со можност перспективно да се разгледаат опциите за воспоставување одредена форма на јавно-приватно партнерство, велат од Министерството за економија.
Изградбата на етно селото „Македонско село“ на Водно државата ја чинеше околу 5,4 милиони евра. Комплексот е со површина од 15. 000 квадратни метри, целта е збогатување на туристичката понуда на земјава.