Граѓаните кои ќе купуваат домашни производи, при скенирање на сметките за поврат на ДДВ наместо 15 отсто отсега ќе добиваат 20 проценти. Ова е утврдено со владина уредба донесена вчера, во насока на поттикнување на купување македонски производи, а со цел ревитализирање на македонската економија.
-Со поттикнување на потрошувачката на домашните производи и услуги им помагаме на вработените во производствените капацитети, на угостителите, на занаетчиите…на нашите пријатели, соседи, познаници, но и сограѓани кои не ги познаваме, а сега навистина им е потребна нашата поддршка. Таа поддршка можеме да им ја дадеме, така што наместо странски производ, ќе одбереме домашен. И ние знаеме и умееме да креираме квалитетни производи и услуги. Поддршката на домашните компании е од големо значење, особено сега кога сите земји даваат поддршка на националното производство и услуги, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.
За странските производи, пак, со Уредбата повратот се намалува од 15 на 10 отсто, повторно во насока на стимулирање на купување на домашно производство.
-Во „МојДДВ“ учествуваат над 290.000 граѓани, кои даваат придонес во борбата против сивата економија. Со измените кои се донесени, тие ќе се приклучат и во поддршката на домашната економија, на домашните фирми, на зачувувување на работните места на граѓаните, велат од Министерството за финансии.