Намалување на водостојот на Вардар во Скопје, притисокот ќе се спушта кон Велес

by Фокус

Од последните информации добиени од хидролошките набљудувачи, насекаде имаме високи водостои, натпросечни за овој дел од годината, со опасност од локални излевања, велат од УХМР. Во текот на ноќта се очекува намалување на врнежите, а со тоа и притисокот на врнежите врз истекувањата ќе се намали, со што водениот бран ќе се префрли во долните делови од сливовите.

Во однос на податоците од 13:00 часот, измерените податоци од 16 часот покажуваат дека Вардар е за 2 сантиметри намален кај Јегуновце, а во Скопје бележи пораст од 15 см. Во Велес, пак, порастот изнесува 20 см, а на Црна Река кај Новаци 28 см. Според УХМР, во Скопје во текот на ноќта водостојот ќе почне да се намалува, а во Велес рано наутро ќе го достигне својот максимум.

Во рамниците има појава на заезерување на одредени површини, а има и локални излевања кај повеќето водотеци низ државата. Затоа, од Управата предупредуваат на внимателно движење покрај водотеците суводолиците и во клисурите, поради можност од појава на големи води, излевања, свлечишта и одрони. Претходно, медиумите објавија дека Вардар се излеал по пешачката патека на кејот кај Аеродром.

Поврзани новости