Поранешниот советник во Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, како обвинет во случајот „Машинопромет“ помина 8 месеци во притвор. Откако обвинението беше повлечено, а тој повторно си ја врати слободата, бараше обештетување од државата за времето кое неосновано го поминал зад решетки. Откако не беше задоволен од првичната сума, се жалеше на Апелација, но наместо зголемување доби намалување на обештетувањето.
Поточно судот му извага дека треба да добие по 100 евра од ден, а тој бараше вкупна штета од 1 милион евра за тоа што го преживеал. По жалбата во Апелација доживеа нов шок. Наместо поголема сума, доби намалување, па наместо по 6.000 денари, доби 5.000 денари од ден во притвор.
-Во одлуката стои дека за да добијам 6.000 денари од ден некој требало ми умре!?, вели Шиповиќ за „Фокус“.
Тој додава дека и покрај тоа што му била намалена отштетата, Државното правобранителство поднело жалба до Врховниот суд.
-Јас пак им порачав дека ќе им дадам дупло повеќе пари доколку тие одат 8 месеци во притвор во „Шутка“. Иако не е исто со смртен случај, но јас како товар ги носам останатите 8-мина кои невини беа во притвор и обвинети заради мој политички ангажман. Никогаш не ми рекле ништо, но јас и ден денеска се мачам со совеста, ни изјави Шиповиќ, кој набрзо откако излезе од притвор се повлече од политиката.
И покрај сериозните обвинувања со кои се соочи Шиповиќ и неговиот брат, мерките притвор, починат сведок во судница, случајот „Машинопромет“ се сруши како кула од карти, односно финишираше со повлекување на обвинението.
Повлекувањето на обвинението се случи при самиот крај на судскиот процес во завршните зборови на Обвинителството.
Валентина Вурмо