Синоќа во галеријата Артифакт (Artifact Art Gallery) во Њујорк беше отворена самостојната изложба на слики „Најцрната црна“ на Мицко Мице Јанкуловски.
На изложбата беа претставени слики од најновата продукција на уметникот кој слика со најцрната боја – карбон, откриена со помош на нано-технологија. Верен на својот уметнички стил на минимализам, модуларност, мултипликација и монохромност, Јанкуловски се претстави пред публиката во Њујорк со извонренда поставка од слики со геометриска апстракција од карбон на платно и акрил на платно.
Куратор на изложбата е Емил Алексиев, галерист Мартин Бернштајн, а организација и комуникација на Сергеј Грегоријан и Корнелија Конеска.
Оваа е првата од двете изложби на уметникот во декмври 2022 во Њујорк. Следната изложба ќе се одржи во Галерија МЦ на 15 декември 2022, за што ќе бидете навремено известени.
МИЦКО Мице Јанкуловски како уметник во своето творештво е посветен на истражувањето во сликарството и цртежот, додека со децении е јавно присутен преку повеќе уметнички дисциплини како сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми…
Неговата биографија содржи повеќе од шеесет самостојни изложби во земјата и во странство и забележителни презентации на значајни меѓународни изложби и манифестации.
Јанкуловски е овогодишен добитник на највисоката државна награда за животно остварување „11 Октомври“ за уметност и е еден од најуспешните македонски уметници со меѓународна кариера. Покрај највисоката државна награда, Јанкуловски е добитник на бројни меѓународни награди, вклучително: Наградата „Најдобар уметник“ на Ларнака биенале 2021; Наградата Рембрант – за извонредност во уметност за 2020 (од Светската асоцијација за визуелни уметности); Наградата „Ел Греко“ на Арт Тесалоники 2019; Наградата „Лоренцо Ил Мањифико“ за животно остварување на Фиренца Биенле 2019; Наградата „Уметник на светот“ на Ларнака Биенале 2018; Гран при на Меѓународното биенале за графика Варна во 2017.