Најмалку пет години затвор му се закануваат на Тачи за „Титаник 2“

by fokus

Денеска во кривичниот суд, во 12.30 часот, треба да биде објавена пресудата за случајот „Титаник 2“, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.

На обвинетиот Мендух Тачи, лидерот на ДПА, му се заканува казна затвор од најмалку пет години, а истата казна може да ја добијат и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, кои исто така се гонат за делото „ Злоупотреба на службената положба и овластување“.

На обвинетиот Сашо Мијалков, кој во овој случај се гони за друго дело, односно за „Примање награда за противзаконито влијание“, му се заканува затворска казна од 1 до 5 години.

Јавната обвинителката Фатиме Фетаи во завршни зборови, побара осудителни пресуди за сите обвинети во случајот.

Според СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето реално влијание и моќ и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.

Поништувањето на гласањето, според Фетаи, е егзактна пресметка на ВМРО-ДПМНЕ за тоа колку е потребно за нивниот кандидат да може да оди во втор круг, додека Тачи иако немал законско право го убедил Бедредин Ибраими да го промени своето мислење и да гласа за приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат како што појасни Фетаи членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ требало да гласаат за приговори на ДПА за Чаир.

Другите обвинети членови на ДИК, според СЈО, ја злоупотребиле службената положба и не биле во функција на Изборниот законик, туку на партиските интересни.

Одбраната во завршните зборови побара ослободителна пресуда за сите обвинети, посочувајќи дека обвинителството не изнело докази со кои се потврдува делото за кое се теретат. Дополнително адвокатите од одбраната имаа забелешки и на веродостојноста на аудио доказите, за кои како што посочија, биле незаконски стекнати. Посочија и дека обвинението е поднесено од неовластено тужителство, односно е по истекот на периодот од 18 месеци, одреден за поднесување обвиненија од СЈО.

Поврзани новости