Специјалното јавно обвинителство, само досега, открило нелегално испумпани 36 милиони евра од буџетот, пишува Р. С.Европа.
Според истрагите на СЈО, функционери со злоупотреба на службената должност, прекршување на законот за јавни набавки, како и со затајување на данок, испумпале милионски суми од државниот буџет. Македонскиот буџет е оштетен за најмалку 36 милиони евра во период од 2008 до 2015 година.
Оваа сума најверојатно е и далеку повисока, бидејќи СЈО истражува голем број случаи за финансиски криминал, за кои се уште нема отворено предмети.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, на последната прес-конференција на која презентираше четири нови случаи за финансиски криминал, апелираше дека е неопходно продолжување на мандатот за истраги за целосно расветлување на предметите, произлезени од прислушувањето.
Станува збор за многу финансиски истраги кои во иднина ќе покажат како парите на граѓаните завршувале во приватни џебови на високи функционери.
Сепак, постои закана стотици случаи за криминал да пропаднат, бидејќи според сегашното законско решение СЈО има уште три месеци за работа. По крајот на јуни СЈО нема да може да поднесува обвиненија.