Најмалку 20 Палестинци загинаа, а десетици се повредени синоќа во израелски воздушни напади врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, соопштија палестинските здравствени власти.
Жителите изјавија дека тенковски гранати паднале врз центарот на кампот и дека во воздушните напади биле уништени голем број куќи, пренесува Гардијан.
Според сведоштвата на жителите на Џабалија и медиумите под контрола на групата Хамас, израелски тенкови се обидуваат да упаднат во центарот на бегалскиот камп.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги засилија нападите врз бегалскиот камп Џабалија, додека продолжуваат со воздушните напади во источниот град Рафах.
Хамас рече дека неговите членови се борат против ИД источно од Џабалија, каде Израел вели дека се обидува да го спречи Хамас да ги обнови своите борбени способности.
ИД го бомбардира и источниот дел на градот Рафах на југот на Појасот Газа, а тенковите се наоѓаат во близина на патот Салахудин. Израелскиот воен кабинет одобри „ограничено проширување“ на воената операција во Рафа во четвртокот навечер.
Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за Палестинците во Газа (UNRWA) соопшти дека околу 300.000 луѓе биле погодени од наредбите за евакуација во Рафа и Џабалија, но дека бројките веројатно ќе бидат поголеми бидејќи станува збор за густо населени области.
Околу милион Палестинци, кои избегаа од конфликтот во други делови на Појасот Газа, најдоа засолниште во Рафах. Џабалија е најголемиот од осумте бегалски кампови во Газа и е дом на повеќе од 100.000 луѓе, од кои повеќето се потомци на Палестинците кои беа протерани од градовите и селата во денешен Израел за време на арапско-израелската војна во 1948 година, која доведе до создавање на државата Израел.