Фолк пејачката Лепа Лукиќ, која неодамна наполни 82 години, се уште е активна на сцената и е честа гостинка во ТВ емисии во регионот. Во своето последно гостување во емисијата ,,Милизам” таа покажа дека добро се држи со оглед на своите години, и раскажа која е нејзината најголема болка во животот.
-Сакам да одам на прошетки, да се напијам кафе со пријателките. Мојата кариера е долга околу 60 години, ми се остварија многу животни желби. Посакував да глумам во филм, тоа ми се оствари во 1972 година со филмот ,,И Бог ја создаде кафанската пејачка”. Горда сум поради тоа што добив национална пензија, тоа е за мене големо признание. Не е толку важна материјалната помош, туку се работи за многу важно признание- раскажуваше Лукиќ.
Сепак, вели дека нејзината најголема желба, да се оствари како мајка не и се исполнила, и поради тоа отпеала многу емотивни песни посветени на децата, во кои многу жени се пронашле.
-Еднаш бев бремена, но бев многу млада и не сакав да родам поради кариерата… Подоцна, кога бев во брак со инспектор, многу сакавме да добиеме дете. Цела година се лекував, бев на разни испитувања, имав многу интервенции… Се борев да останам бремена, да родам, но едноставно, не се случи… Кога пред неколку години бев во реалното шоу ,,Големиот брат” добив улога на мајка. Три дена ја имав честа да се нарекувам мајка, знам дека народот кој го гледаше шоуто плачеше со мене – изјави Лепа.
Таа зад себе има околу 30 музички албуми и хитови кои се слушаат во регионот со децении наназад. Пред неколку години често доаѓаше во Берово, каде престојувала во хотел на нејзини пријатели. Раскажуваше дека климата во Берово многу и годи, и дека тоа е нејзината идеална дестинација за вистински одмор.
Вики Клинчарова