Вкупниот годишен поврат на ДДВ кај сите домаќинства ќе изнесува 49,5 милиони евра, објави Институтот за економски истражувања Finance think. Нивните бројки се поклопуваат со бројките кои ги предвидува Министерството за финансии.
Според анализата на Finance think најголем ќар од повратот на ДДВ ќе имаат најбогатите.
„Само најбогатите домаќинства кои годишно трошат 1,2 милиони денари, ќе можат да вратат една просечна плата со новонајавената мерка“ велат од Finance think.
Од таму додаваат дека 5 отсто од најбогатите домаќинства ќе бидат опфатени со плафонот на повратот од 28.5000 денари.
Најсиромашните домаќинства, пак, на годишно ниво ќе можат да вратат во својот буџет само 738 денари.
Како што најавија денеска од Владата, од следниот месец граѓаните ќе можат да побараат поврат на ДДВ за сметки до 30.000 денари. Граѓаните преку мобилни апликации ќе може да ги регистрираат платените сметки и да очекуваат поврат на ДДВ. Од оваа мерка ќе бидат исклучени оние еден до два проценти кои се најбогати.
Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември.