Најгласниот мегафон на Груевски никогаш никого не наклеветил, ниту навредил!?

by Фокус

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 13-ти август 2010-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 789

Мојот „уметнички дојам“ отсекогаш беше и е, дека Латас просто ужива да навредува и знае да наклеветува, како што многу често и самиот е мета на такви вербални напади. Но, согласно податоците од судот, ваквите импресии ми биле скроз погрешни. Неговата новинарска мисија, согласно судските ни аршини, е невина „ѓоа бебенце“. Никогаш не е осуден за клевета и навреда, иако, согласно бројот на тужбите, што од него, што против него, ќе биде корисно неговиот пријател Груевски да изгради нов суд, кој ќе биде надлежен само за „ликот и делата“ на Латас. Уверенијата, пак, за чесност, кои со години ги делат нашите судии, се доволен аргумент да се согласам со ставот на весникот-пријател на Владата, дека нашето судство е деградирано!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Македонската политичка сцена е затруена од примитивизам, вулгарности, малограѓанштина, лицемерие. Има сѐ, освен здрава и жестока дебата за ставови и опции. Размената на мислење меѓу партиите се сведува на исчитани соопштенија, последователно, неколкупати во денот. Гласноговорникот на ДПМНЕ не се сеќавам дека некогаш соопштил било што без листот пред него. Па, оттаму, на Бичиклиски повеќе му прилега терминот – Гласночитач. Со својата филозофија на владеење, Груевци го загрозија менталното здравје на нацијата. Напредокот на светот се темелел на борба на мислења. Но, со ѓоа преродбениците тоа изгледа приближно вака: Ти го фаќаш на дело како краде, а тој ти возвраќа дека сестра ти има швалер-црнец. И, потоа, скроз (не)нормално главна тема станува црнецот!

Последниот ваков егземплар беше за настапот на Дејан Гацов во вестите на А1 телевизија. Вмровците одбија да се соочат со него и неговите обвинувања, ама, кутрите, толку ревносно го следеле неговиот ТВ настап за владиното рекламирање во медиуми-пријатели на Владата, што потоа преку „приопчење за пучанство“ се обратија „изравно“ до СДСМ.  И, демек, им збрцаа у џигер прашањца од калибарот: Дали и другите личности во СДСМ, како Гацов, милуваат да се облекуваат во јамболии? И, дали таквите блудни и контроверзни забави на кои учествуваат само машки, кои се полуголи, се пракса за раководството на СДСМ?

Туф, туф, туф… Да не стокмат сега некаква законска забрана за еднополови забави, со обавезателно високи казни?! За оние што можеби не знаат, станува збор за фотки од забава кои самиот Гацов си ги има ставено на својот фејсбук-профил. Тие, пак, сефте беа обнародени за пошироката јавност преку весникот што е „пријател на Владата“ а за кој, пак, нормално, и Владата не штеди на материјал од финансиска, односно, рекламна природа. Но, добро, прашањето ми беше: Дали машките што се облекуваат во јамболија на забава, генетски се предодредени да лажат? Нејсе, важно повторно, овојпат со јамболијата ја прекрија клучната тема за една демократија: Како се трошат народните пари?

ДУШЕВНИТЕ БОЛКИ НА ДВОЈНИОТ УРЕДНИК

Сѐ на сѐ, проследивме уште една промашена вмровска дебата за црнецот. Во меѓувреме, Груевци можат да си продолжат да се рекламираат со народни пари кај пријателите на Владата, а за непријателите, пак, се надлежни токму пријателите од медиумите. Секако, и портпаролот на Владата, Мартин Мартиновски, кој демек се гнаси и да седне со Гацов во исто ТВ студио, па му најави тужба за клевета!

Секогаш кога една власт посегнува по тужби против критичарите, во земја која е загубена во транзицијата, па, во која судството е само една од нејзините алатки за тотална контрола, тоа е сериозен знак дека настапила последната фаза од нејзиниот слободен пад. Наместо јавните личности да имаат поголем степен на толеранција, како што сугерира и судот за човекови права во Стразбур, наместо да се води сериозна дебата, да се полемизира за суштината, овде секој држи монолози, дели лекции, плука и навредува, а за слични вербални стрели на својот грб, промптно се бара чаре на суд!? Да биде апсурдот поголем, токму нашето судство е на тапет, и по дома и по надвор. Дури и самите судии не веруваат дека се независни. Анкетата, нарачана од ОБСЕ, а спроведена меѓу судиите, покажа дека делителите на правдата не веруваат во независноста на судството. Речиси половината од анкетираните одговориле дека судиите се соочуваат со надворешни влијанија и притисоци, а најмногу од Владата!

При ваква ситуација на теренот, која и без помошта на ОБСЕ ја имавме апсолвирано, во вмровски стил би се изразила – ептен делува педерски кога моќниците, кои, патем речено, бегаат од соочување, а судот го имаат на тацна, ќе најават со фанфари дека ќе тужат за клевета некој од своите „непријатели“. Резултатот е однапред познат, но, ете, тоа изгледа им ја милува суетата, им ги разгалува „честа и угледот“ кои појачани со судската тапија добиваат вонвременска димензија. И веднаш потоа, сите ние ќе ги им се восхитуваме на чесноста!? Бог да чува!!!

Од друга страна, пак, ми делува садо-мазохистички кога најголемите критичари на судството, за кое рака даваат дека е маша на преродбениците, ќе се „дрзнат“ да тужат некој од Груевци. Освен, се разбира, ако не наумиле своите теоретски опсервации за судот, да ги поткрепат и со лични искуства.

И така, деновиве, на пример, весникот Вечер, онака ударно на насловната страница се пофали дека нивниот главен уредник Драган Павловиќ Латас ќе го тужи за клевета пратеникот од СДСМ, Јани Макрадули. И така, од весникот што  е ,пријател на Владата, разбравме дека уредникот што си го има иди ми-дојди ми со Груевски, бара од судот кој е под контрола на претходнонаведениот, да го казни опозиционерот што од собраниската говорница му нанел „душевна болка“. Да, така стои во најавата за тужба. Неколкуте реченици на Јани го поткопале неговиот „кредибилитет и углед на истакнат новинар во македонското општество и чесен и фамилијарен човек, притоа нанесувајќи му штета по неговиот углед“!

Во прилог на сензибилниот Латас, а како доказ за клеветничката природа на тужениот, се наведува и дека Макрадули го изгубил судскиот спор за клевета со министерот за транспорт Миле Јанакиески, небаре за Македонија е тоа светско чудо. Кога министер ќе загуби на суд од опозиционер, тоа е веќе од рангот „човек каснал куче“. Е, Латас не е министер, ама, шансите против него да добиете на суд се еднакви на оние како да го тужите Груевски лично!

Неодамна, коментирајќи го апсењето и притворот што судот му го одмери на млекарот Душко, кого вмровците претходно веќе го „осудија“ безмалку како дилер на дрога, Мирјана Најчевска изнесе став дека жалната слика за македонското судство најдобро ја отсликувало тоа што против Латас никој не може да добие судски процес!

„КРИМИНАЛЕЦОТ“ ПРОТИВ „КВАЗИ НОВИНАРОТ- КАМЕЛЕОН“

Иако нема ништо епохално во тоа, главниот уредник на два медиуми, ТВ Сител и Вечер, кој инаку е 102 насто поддржувач на овој режим, да има супер „проѓа“ кај нашите судии. Сепак, без оглед на судската статистика, мојот „уметнички дојам“ отсекогаш беше и е, дека Латас просто ужива да навредува и знае да наклеветува, како што многу често и самиот е мета на такви вербални напади. Но, согласно податоците од судот, ваквите импресии ми биле скроз погрешни. Неговата новинарска мисија, согласно судските ни аршини, е невина „ѓоа бебенце“. Во обидот, пак, да видиме колку често Латас е клиент на скопскиот кривичен суд, дојдовме до сензационално откритие. Според нашата неофицијална статистика, тој е најмногу тужената јавна личност за клевета и навреда, ама и самиот е своевидна тужибаба број еден. Според бројката на предмети во кои тој е главен лик, било како тужител, било како тужен, а согласно градителските пориви на Преродбеникот, не ќе да е на одмет, да се изгради нов скопски суд, кој ќе биде надлежен само за „ликот и делата“ на Латас. Па, така, ќе имаме кривичен, граѓански и Латасов суд!

Шегата на страна, оти, сепак, беше предизвик да видиме како течат ваквите судски процеси. Ако неговите тужби се инспирирани од написите дека бил евидентиран како кодош, или кога во коментарите е идентификуван како „мегафон од фиреровиот сокак“ во улога на тужен главно се појавува кога „лоцира“ предавници, албански лобисти, грчки платеници, небаре има лиценца за Патриометар!

Најголемиот судски процес според бројот на тужителите е секако тужбата што ја покренаа Соросовци и неколку новинари. Повод беше текстот во Вечер, насловен како „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“. Тука, како тужители на Латас можат да се „пофалат“: Никола Гелевски, Бранко Героски, Владимир Милчин, Ивица Антески, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јорданоски, Ема Маркоска Милчин, Ида Протугер, Ерол Ризаов, Билјана Секуловска, Сашо Ордановски… Но, пред судот, како автор на спорниот текст, тужениот го посочи директорот на весникот, зетот на Бојо Андрески!!!

Првиот човек на Сорос Фондацијата, Владе Милчин, го тужи Латас за клевета за наводите дека потрошил милиони евра без контрола, а Латас, пак, го тужи Милчин заради неговиот негативен коментар што Полио Плус доделил награда на Вечер. Е, овој спор го загубил пред првостепениот суд, ама сега ќе следува жалба пред Апелација. Тука, пак, според некои наводи, Латас си поминува најсупер. На пример, ЗНМ го тужело за наводите дека членовите на Здружението добиваа бесплатна виза, а за возврат треба да лобираат за промена на името. Процесот бил добиен, но, Апелација го вратила повторно назад. И повторно е осуден, ама нема да изненади ако повисокиот суд пресече поинаку!

И бизнисменот Зоран Азманов ја посочува Апелација, како силна страна на Латас. Тој реагира затоа што го претставувал како најголем криминалец. Поднел дури 15 тужби против, како што вели – „Овој квази-новинар и неговите соработници“. Дури, во еден допис до јавното обвинителство, Азманов наведува дека „Латас постојано избегнува да дојде на закажаното рочиште, а кога дојде еднаш пред судот, изјави дека тој не го има пишувано текстот во кој е изнесена клевета против мене, односно, друг новинар пишувал и дека тој не бил должен да го провери текстот!“

„Комплиментите“ на Азманов, од типот – „Најголем камелеон и улизувач на секоја власт“ не знаеме дали ја покренале Латасовата фабрика за тужби против „криминалецот“ Азманов. Но, тој се пожали дека некои негови тужби на чуден начин остануваат долго време во фиока, без воопшто да бидат насрочени!?

ЕМ УВЕРЕНИЕ ОД МВР, ЕМ УВЕРЕНИЕ ОД СУД!

Кога сме кај „еден човек-неколку тужби“, да споменеме дека Љубе Бошкоски има барем 4 кривични за клевета и навреда против Латас. Станува збор главно за оние фамозни снимки на Јутјуб, од распитот на Љубе пред хашките истражители во Пула, каде што чита запис Одбрана. Квалификациите, залепени за Љубе, од типот Кодош и уште повеќе Предавник, допрва ќе ги разглабаат низ судниците!

Не е завршен ниту процесот што Борјан Јовановски го води против Латас, затоа што бил „насликан“ како платеник од албанското лоби. Безмалку две години трае и истерувањето правдина на лидерот на СОНК, Дојчин Цветановски, за кого Вечер срочи дека штрајкот на просветарите бил диктиран од СДСМ, или, поточно, дека тогашниот ве-де шеф на СДСМ, Заев, телефонски му сугерирал на Дојчин да не го прекинува штрајкот без оглед на понудата од Владата. Текстот не е потпишан, а Цветановски сега ни изјави дека Латас се вадел дека е уредник со договор на дело. Процесот, пак, веројатно е при крај, затоа што било завршено и психијатриското вештачење на тужителот!

За двојните аршини на нашиот главен лик, доволно говори тужбата на Бранко Героски, покрената затоа што во еден ТВ настап, Латас го вметнал и неговиот татко. Истовремено, самиот Латас во изјавата за „Фокус“ вели дека тужи кога некој ќе наклевети и некого од неговото семејство. На мојата забелешка, зошто тогаш во полемиката со Героски го инволвира татко му, најде разлика во тоа што споменувањето на таткото на Геро било од „Црна хроника“ демек, бил вмешан наводно во некоја корупциска афера!? Сепак, дури и да е се така, дали децата треба да плаќаат за гревовите на своите родители, или, обратното, да ги имаат сите привилегии само затоа што едикојси им е татко?!

Но, да минеме на тужителската мисија на уредникот на два медиуми. Латас влезе во тужителски филм кон медиумите и новинарите на Велија Рамковски, откако Време објави документ дека тој соработувал со странски тајни служби. Откако експресно доби пусулче од ресорот на Јанкуловска, или, како што тоа се третира во весникот – Уверение дека не бил соработник, никогаш и никаде, следуваше нова канонада. Демек, тешка клевета и голем грев било да се изговори или коментира, дека целата процесија со уверението е упад на МВР во лустрацијата!? Заради таквиот светоглед на претседателот на Комисијата за лустрација, Јанакие Витановски, се деси општонародна побуна од членовите што станаа лустратори по заслуга на други опции. Јанакие е од СДСМ, инаку. Ама, ете, Вечер деновиве најави тужба, не само против Јанакие, туку дури и против Шпиц, уредникот и авторот на извештајот ( фали уште печатарот и лекторот да добијат тужба), затоа што ги пренеле зборовите на Јанакие!? Бадијала се менуваше законот, за пренесени јавно искажани зборови да не се сноси одговорност за клевета и навреда. И, да пукнам, ама не можам да издржам да не кажам и да не напишам, дека сепак мојот став е идентичен со оној на Јанакие. Замолувам само во случајов да не се тужи „цело село“ и сите вработени во „Фокус“, туку само авторката на грешнава мисла!

Заради истата болка, меѓу „клеветниците“ на Латас се пласираше и Макрадули. Во расправата за интерпелација на министерката Гордана Јанкуловска, и тој се чудеше како две години Мендух Тачи не може да добие одговор од МВР за неговото досие, наспроти Латас, кој во ист ден побара и доби Уверение, нели. Вториот дел, наводите на Макрадули дека Латас е сопственик на фирма Лијеа Медија Плус, која наводно била на некој начин поврзана со Линк Медија Плус, каде претходно  работела Јанкуловска, не можам да ги коментирам. Тужителот тврди дека двете трговски друштва никогаш немале ама апсолутно никаква деловна соработка. Но, ни двата медиуми, на чие чело стои, изгледа не му се доволни на Латас да демантира и да полемизира, туку тоа треба да биде сега преку Уверение од судот!?

СУДИЈКАТА КОМУЊАРКА, А ЅИНГО И БОЈО ДИСИДЕНТИ!?

Меѓу оние што веќе „попија“ осудителна пресуда е Никола Гелевски, заради колумната „Мегафоните од фиреровиот сокак“ инспирирана од тепањето на студентите кои протестираа против изградбата на верски објекти на плоштадот Македонија. Според Гелевски, на пример, Јанко Јадибурек мора да се отстрани од јавната сцена, како страшна медиумска фигура која шири омраза преку етерот. Дури и Латас е згрозен од неговиот вокабулар: фашисти, квазивесници, тоталитарна касаба на Црни Грујо и неговите гуланфери, гилиптери и автобуски башибозлук. Патем, Гелевски ќе најави и дека следниот пат кога ќе дојдат автобуските тепачи на ВМРО, скопјани ќе се организираат малку подобро, барем за да ги заштитат своите деца, а најавува и дека мечката на насилство ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски, Јадибурек. Ова, пак, многу ме потсети на еден текст токму во Вечер, за протсетите на стечајците од Куманово. Беа дефинирани како „обична силеџиска банда“ која тепа луѓе по улици, па, весникот – пријател на Владата побара МВР да ги легитимира и да ги приведе, затоа што, во спротивно – „Скопјани ќе се организираат сами“!

Сакам да кажам, зошто оние кои милуваат да делат остри коментари, жестоки вредносни судови, да користат секакви епитети и етикети, да најавуваат насилство, не се еднакво толерантни кон истиот стил и речник на инакумислечките?! Или, зошто на пример, ВМРО-ДПМНЕ се далдиса демек од „уличарската дебата“ во Собранието, па изразите: Фашисти, диктатори, лажговци, имбецил, марионета, паљачо или зевзек, изговорени наводно од СДСМовски усти го оценија како „говор на омраза, навреди, закани, клетви и пцости“ ама, затоа, кога весникот-пријател на Владата, ќе им порача на уставните судии – Метузалеми, одете си дома – тогаш тоа благопријатно им делува за ВМРОвските уши?! Ете, и во телефонскиот разговор со Латас за овој текст, на коментарот на Најчевска што го парафразирав на почетокот, возврати: „Таа е обична политичка фукара во брак со невладиниот сектор и во вонбрачна љубовна врска со политиката“. Баш ме интересира, дали Латас ќе стегне тужба за навреда ако биде означен, на пример, во овој текст, како необична фукара во новинарството?

Инаку, интересно е дека за време на судскиот процес Латас против Гелевски, по се изгледа незадоволни од судијката, Вечер излезе со коментар дека судијката потекнувала од комунистичко судиско семејство, дека е судија од комунизмот, а судовите се под контрола на СДСМ и нивните олигарси. За разлика, бре, од Ѕинго и Бојо Андрески, газдите на медиумите каде Латас е главен уредник, кои беа познати дисиденти на претходниот систем!!! И, за разлика од олигарсите, тие без помош на политиката и власта, успеаја да ги создадат своите бизнис царства. Нејсе, во текстот се констатира дури и дека „таквото деградирано партиско, идеолошко судство, цели дваесет години е најлошо оценета институција, и од Европската унија и од домашната јавност“. Потоа, на судијката која ги одбивала доказите што Латас ги предлагал, и беше предочено да прими „к знању“ дека „за ваков превид, тројца судии последниве пет години се сменети од функцијата и завршиле на улица“. Брррррр!

Туку, таа изгледа сепак ќе ја избегне улицата како судбина, бидејќи Латас го доби спорот. Ма, не само тоа, туку, ете, во таквото деградирано партиско судство, покрај десетиците тужби за клевета и навреда, тој никогаш не бил осуден. Па, после се, морам да се согласам дека судството навистина е деградирано!

Да бидам сосема јасна. Противник сум на тужбите за клевета и навреда по кои посегнуваат јавните личности. Ниту една судска пресуда од тој калибар не ми го променила мислењето, ниту за тужителот, ниту за тужениот. Но, морам на признам дека два пати бев во искушение да си го прекршам принципот. Само што наместо парична казна за ваквите матни ликови, сметав дека е поадекватна мерката – задолжително психијатриско лекување!

Драган ПАВЛОВИЌ ЛАТАС
НИКОГАШ НЕ СУМ БИЛ ОСУДЕН ЗА КЛЕВЕТА

Јас тужам институции како Советот за радиодифузија и негови функционери, новинари како Геровски, Гелевски, синот на Чашуле, медиум како Време, Шпиц, ТВ А1, нивни новинари, водители… Во принцип, тужам онаму каде што се работи за клевета, втемелена на монтажи и измислени факти, но, и кога клеветата директно или индиректно го допира моето семејство, моите роднини и пријатели. Не тужам за изнесен вредносен суд за мене и мојата работа.

До сега, во моите 27 години работа никогаш не сум бил осуден за клевета, што е признание дека мојата работа била во рамките на законот. Но, и јас кога сум тужел за клевета, сум губел спорови.

Само еднаш претерав, стануваше збор за член на семејството на Јовица Угриновски за време на локалните избори 1996 година, но, потоа, и без тој да го побара тоа, јавно му се извинив!

Мирјана НАЈЧЕВСКА
СУДСТВОТО Е ЗАШТИТНИК НА РЕЖИМСКИТЕ НОВИНАРИ

Злоупотребата на слобода на говорот својата кулминација во Македонија ја доби со поделбата на новинарите на режимски и нережимски, односно, во настапите на Драган Павловиќ Латас, Јанко Илковски – Јади бурек, Миленко Неделковски и Слободан Томиќ – Гласот на народот. Заштитени од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ставени во функција на политиката на оваа партија, со единствена цел – дезавуирање на секој политички неистомисленик или било кој, што може да ја загрози севласта на спомнатата партија и потполно недопирливи за правдата, тие стануваат оружје употребено против демократијата.

Незатскриената поврзаност со владејачките структури и севкупната деградираност на судскиот систем, овозможуваат овие луѓе да сеат говор на омраза, да понижуваат и омаловажуваат, и за тоа да не трпат никакви последици. Наспроти тоа, извитопереноста на системот им овозможува дури и во судски постапки да го санкционираат секој, кој ќе се осмели да им се спротистави или да ги повика на одговорност. Судството се појавува како заштитник на режимските новинари (им нуди имунитет и неказнивост), а во исто време е џелатска секира за нережимските новинари и публицисти и за слободните умови!

Љубе БОШКОСКИ, претседател на Обединети за Македонија
ЧОВЕКОТ Е НАВРЕДА ЗА НОВИНАРСКАТА ПРОФЕСИЈА

Ние сме свесни дека се работи за човек кој е навреда за новинарската професија, кој ни оддалеку не се однесува како новинар туку ја продолжува својата „дејност“. Сакам да ѝ порачам на јавноста дека овој камелеон од таканаречен новинар успева во сите системи. Жал ми е што кога и ние бевме на власт, што повторно успеа да се етаблира со власта. Но, како што ова му е последна година на Груевски на власт и во политиката воопшто, така и на Латас ова му е последна година во она што тој го нарекува новинарство. Едноставно, таа хиперпродукција од кривична пријави покажува дека веќе е истрошена фигура!

Бранко ГЕРОСКИ, главен и одговорен уредник на Шпиц
СУДОВИТЕ ИМ СТАНАА ПРИВАТНИ ПРЧИИ

Во принцип, мислам дека не е добро новинарите да бидат тужибаби и да се гледаат меѓу себе во судница. Уште полошо е што праксата да ги тужат своите колеги ја промовираа луѓе кои со години сеат омраза и отворено повикуваат на насилство врз новинарите кои не прифаќаат да бидат маши на власта. Тие се слабаци и не се способни на книга да одговорат со книга, па посегнуваат по судовите како по свои приватни прчии.

За жал, во еден случај јас бев принуден да го тужам Латас, бидејќи тој во својот настап во шоуто на Миленко Неделковски, освен тоа што грубо ме навредуваше мене, на што сум веќе навикнат, се осмели да ги наклевети и мојот татко и моето семејство. Учествувам и во групната тужба на неколку новинари и интелектуалци против уредникот на Вечер, бидејќи сум директно и недвосмислено наклеветен дека сум земал грчки или не знам веќе чии пари за наводно лобирање за грчки интереси. Со тоа Латас ги помина сите граници на пристојноста, поттикнувајќи директни закани и напади врз мојата личност, што навистина може да биде опасно. Затоа решив да го принудам своите наводи за мене да ги докаже на суд, освен ако не се обиде да се спаси на друг начин. Во вториот случај, на пример, тој веќе го пријави својот директор Андревски за автор на текстот, за самиот да се извлече од тужбата!

Јани МАКРАДУЛИ
ЛАТАС Е ГЛАСНА ЖИЦА ЗА ОНА ШТО НИКОЛА ГРУЕВСКИ ГО МИСЛИ, А НЕ СМЕЕ ДА ГО КАЖЕ!

После 4 години владеење на Груевски, на секој му е јасно дека Латас е дел од едно исто сценарио за замолчување на дебатата и критичката мисла во Македонија, без да се поштеди никој кој мисли со своја глава, од опозиција преку универзитетски професори до новинари. Сценарио напишано, поточно препишано, со Протуѓерово мастило за дпмнеовското имплементирање на Гебелсовата ПР стратегијата.

Тужбата за клевета има 2 цели. Првата има за задача да го зададе последниот удар на парламентарната демократија во земјава. Латас неколку пати, додуша многу „храбро“ потпишан со Р.В. (веројатно Резил Вртикапа), пишувал дека нема потреба од парламент, затоа што за сѐ во државава си го имаме Груевски. Затоа, тужбата за изречен збор на говорница, доколку биде прифатена макар и од „маневскиот“ дел во Основен суд 1, ќе биде дефинитивен погреб на парламентарната демократија и остварување на желбата на Груевски да го понижи и избрише парламентот од демократската мапа на Македонија!

Втората цел е, од една страна да се направи обид да се замолчи дебатата за лагите и корупцијата на оваа влада, а, од друга страна, да се дискредитира и омаловажи одредена личност или медиум кој се „дрзнал“ да зборува против оваа Влада. Латас 4 години е само гласна жица за она што го мисли Груевски, а не смее да го каже. Што мисли Груевски за преговорите, законот за антидискриминација, „одметниците“ од политиката на ВМРО-ДПМНЕ, или, пак, за СДСМ и Бранко Црвенковски, тоа го пишува и зборува Латас!

Сценариото со тужбите за клевета е разработено и веќе видено. Најпрвин, тужбата се најавува во пријателскиот весник на владата ВЕЧЕР, потоа има неколкукратно испраќање полиција (обично недела попладне или навечер, на празници и слави) со судски покани (иако судијата не знае за тоа), потоа, уште пред првото рочиште, пресудата се чита или на СИТЕЛ или се објавува во ВЕЧЕР. Потоа судијата чека погоден момент и суди во отсуство на обвинетиот. Во случај на жалба до апелација, ситуацијата се повторува, само што ждрепката за судијата секогаш паѓа, претпоставувате, на иста страна. Нема расправа, нема повик да се сослуша обвинетиот, само се оверува она што пријателскиот весник на владата го напишал уште пред неколку месеци!

Очигледно, Латас е преосетлив на темата кодош. Можеби има и зошто? Мириса нешто..!

Поврзани новости