Најдобрата наставничка за 2015-та власта ја избрка од работа

by lali

Професорката по биологија Слаѓана Стаменкова е избрана за најдобар наставник за 2014/15-та година од страна на Сојуозот на просветни работници на РМ. И само што ја избраа ја избркаа од работа. Годинава биле наградени седумина наставници од основно и средно образование. Ова е престижна награда меѓу наставниците затоа што се мерат сите резултати во текот на школската година, а многумина коментираат дека наградата се доделува чесно. Но, признанието на Стаменкова и е залудно затоа што во ВМРО ДПМНЕ решиле дека нема повеќе место за неа како наставник, односно како директор на Јавната ученичка установа „Здравко Цветковски“.

Кога се јавивме во Сојузот да прашаме кои се наградените ни преносоа дека во деновите кога Сојузот на наставници ја прогласува за еден од најдобрите педагози на Стаменкова не само што и следувало разрешување од директорската позиција, туку таа е одјавена од Заводот за вработување. Потоа, откако и се јавивме, како што пренесува таа, цела година и го токмеле разрешувањето, но дека целосно ќе остане без работа не ни помислувала.

Ситуацијата по се изгледа кулминирала кога Лиле Поповска со ДОМ се повлекла од владината коалиција во мај. Со оглед дека, како што дознаваме, според организациската поставеност, Стаменкова е кадар на ДОМ и раководи со партиската комисија за животна средина, настрадала за неколку дена. Имено, по повлекувањето на Поповска, Стаменкова веднаш била разрешена, иако многумина од вработените пренесуваат дека постигнувала солидни резултати.

По неколку месеци, или поточно во август, кога Стаменкова отворила боледување раководството на „Здравко Цветковски“ ја одјавило од листата вработени. Со тоа e прекршен Законот за работни односи. Прво, како е можно да биде избркана во време на боледување и второ, дали воопшто е законски спроведена постапката за нејзино бркање од работа?

Инаку Јавната установа „Здравко Цветковски“ е под ингеренции на Град Скопје. Финансиите ги обезбедува министрството за финансии, но кадарот го избира локалната самоуправа. Кога Стаменкова била свесна дека ќе остане без директорската функција, а во меѓувреме се ослободило едно место на позиција воспитувач, таа помислила дека од директор ќе ја постават на тоа работно место. Но, на крајот ни директор ни воспитувач, туку на улица.

Ова е пример како фунционира образовниот систем- за наградуваните и искусните нема место, особено ако зад нив не стои партија од власта. За случајот знае и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски од кого се очекува да преземе нешто. Тој за сега нема реакција и не одговорил како и дали ќе се вклучи во процесот. Тоа што се знае е дека Стаменкова ќе мора правдата да ја бара на суд откако ќе завршат сите жалбени процедури.  Најавува дека по закрепнувањето со здравјето ќе влезе во битка за да докаже како неподобните остануваат без работа и тоа на незаконски начин.

На местото на Стаменкова за директорка е назначена Марија Несторовска, досегашниот библиотекар во домот. Утринава на телефоните во „Здравко Цветковски“ не се јавува никој, а се уште чекаме одговори на писмените прашања испратени на мејл за да ја слушнеме верзијата и на Несторовска.

 

 

Поврзани новости