Спасените од трагедијата во Бугарија се осум, а не седум како што беше првичната информација, рекол еден од очевидците кој се спасил во големата автобуска несреќа, изјави портпаролот на главниот обвинител, Сијка Милева.
Таа изјави дека психичката состојба на повредените била многу тешка за време на распитот.
-Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.
Таа додаде дека сведокот потоа бил испрашан од истражители во присуство на преведувач и тој повторно категорично тврдел дека се спасиле осум луѓе.
– Јас бев на местото на инцидентот и ги видов јагленисаните трупови, глетката беше ужасна, потешка беше ситуацијата кога заедно со главниот обвинител на Северна Македонија и обвинителката за организиран криминал и корупција ја посетивме болницата „Пирогов“ каде беа сместени седум од повредените. Истите беа во добра физичка состојба, но психички беа во многу тешка состојба. Секој беше во одделна соба во одлични услови и за нив се грижат најдобрите лекари во земјата, рече Милева.
Бугарските органи истражуваат каде е едниот патник, дали се прекачил во друг автобус и што се случило со него. Досега биле испитани двајца сведоци, односно преживеани од несреќата и нивните верзии се поклопувале и според истражните органи се објективни.
Граничната контрола утврдила 52 патници во автобусот, заедно со возачите. Според заменик главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов, можно е некој од патниците да се прекачил во еден од другите четири автобуси од агенцијата.
Се разгледува оваа опција бидејќи 20 минути пред тешкиот инцидент е направена пауза. Побарани се камерите од бензинската станица, каде е направена пауза, за да се утврди дали се случило такво нешто.
Според некои сведоци, на таа бензинска станица се размениле патници меѓу македонските автобуси.