Најчевска: Зврлевски не само што треба да се разреши, туку треба и да му се суди

by fokus 10:33
10:33

Премиерот Зоран Заев од изутринава ја чека оставката од републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски. Заев му порача сам да поднесе оставка за да се забрзаат процесите.

-Знаете дека најсериозните реформи ќе бидат во правосудството. Зошто? Затоа што не ни чини правосудството, заради многу чинители и слабости. Но, една од работите заради кои не чини, е државниот јавен обвинител. Реформите можеме да го почнеме, и го повикувам да си поднесе оставка. Ја очекувам неговата оставка. Знае дека на предлог на Владата парламентот го разрешува, и на предлог на Владата парламентот и го избира државниот јавен обвинител. Од тој поглед, го повикувам господинот Марко Зврлевски да ги забрза процесите и да си поднесе оставка, рече премиерот Заев.

- Advertisements -

Се обидовме да добиеме одговор од обвинителот Зврлевски за тоа дали самиот ќе си поднесе оставка или ќе чека да биде разрешен, но тој не одговори на нашите телефонски повици и смс пораки.

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска пак смета дека Зврлевски не само што треба да биде разрешен, туку треба и да му се суди.

-Член 67 од Законот за јавно обвинителство: Јавниот обвинител на Република Македонија се разрешува од функцијата јавен обвинител пред истекот на мандатот:

– поради незаконито, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата, -ЗВРЛЕВСКИ
– ако со своето однесување и дејствување покажува дека не е способен за извршување на функцијата, -ЗВРЛЕВСКИ
– ако не поднесува барање за покренување на кривична постапка за случаи предвидени со закон – ЗВРЛЕВСКИ
– поради нарушување на угледот на функцијата – ЗВРЛЕВСКИ

ЗВРЛЕВСКИ не исполнува еден услов, не исполнува два услови, туку ги исполнува апсолутно сите можни услови предвидени во законот како причини за разрешување од функцијата.

Јас лично мислам дека треба да биде суден и осуден, меѓутоа и во неговиот и во сите други случаи каде што станува збор за луѓе од правосудниот систем мора да биде одредена казна ЗАБРАНА ЗА ВРШЕЊЕ ДЕЈНОСТ. Не после да ми се појават како адвокатчиња, нотарчиња, извршители и да бенефицираат од направениот криминал, вели професорката Најчевска.

В.В.

 

Поврзани новости