Најчевска за новиот Совет за реформи: Ова друштво може само да стави шлаг на вмровскиот колач кој ни го сервираа 11 години!

by fokus

Откако Владата го објави новиот состав на Советот за реформи во правосудството, со остра критика се јави доскорашниот член, универзитетската професорка Мирјана Најчевска, која со уште неколку истакнати членови си поднесоа оставки, бидејќи како што рекоа, служеле само како декор.

Таа коментира дека политичарите со критиката се справуват така што ќе си состават група која нема да ги критикува, појаснувајќи дека токму така го доживува новиот совет кој си го составил премиерот Зоран Заев.

Инаку, вчера од Владата соопштија дека во новиот совет ќе бидат специјалната обвинителка Катица Јанева, јавниот обвинител Љубомир Јовески и народниот правобранител Иџет Мемети. Членови ќе бидат и министерот за правда Биљен Саљији, неговиот заменик Оливер Ристовски, претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, претставник од Врховниот суд, по еден претставник од Апелационите судови во Гостивар, Битола, Штип и Скопје, како и по еден претставник од Основните судови Скопје 1 и 2. Свои претставници ќе имаат и Адвокатската комора, како и Блу Принт групата на граѓански организации за правосудство.

-Убаво друштво на јавни обвинители кои си молчеле кога се прекршувале законите и народен правобранител кој мижел додека ги влечеле пратениците низ Собранието и послушници на претходната власт како гаранција дека ќе те слушаат и тебе и секако зачин од неколку кадри на ДУИ. Реформата значи критика и храброст и спремност да се влезе во судир со прифатените навики и независност и знаење и отпорност на партиски влијанија.

Ова друштво не може да спроведе реформи. Ова друштво може само да стави шлаг на вмровскиот колач кој ни го сервираа изминативе 11 години.

Ако некој помисли дека сум огорчена има сосема право. Многу сум огорчена затоа што правосудството е една од клучните области која мора од корен да се смени (и нормативно и и институционално и кадровски) ако сакаме навистина да го започнеме патот на демократскиот развој.

Ама сосила памет не можеш никому да му дадеш, напиша професорката Најчевска на фејсбук.

Поврзани новости