Професорката Мирјана Најчевска ја одби поканата на Владата да учествув на јавната расправа за уставните амандмани. Како причина за оваа одлука, Најчевска го наведува присуството на нејзиниот колега, професорот Владо Поповски, кој до неодамна беше функционер на ВМРО-ДПМНЕ, а претходно извршувал функции и во владите на СДСМ.
Најчевска за Поповски вели дека е човек со сите бои и за сите влади.
„Компромисен. Неконфликтен. Човек кој ни во сон нема да се спротистави на ниту еден режим. И јас се заблагодарив и одбив: Почитувана, благодарам многу за поканата, меѓутоа јас одбивам да присуствувам на средби на кои главен говорник е Владо Поповски. Сметам дека Владо Поповски е дискредитиран како стручњак во повеќе наврати и дека има нанесено неверојатно голема штета во развојот на Македонија како правна и демокатска држава. Од тие причини, да одам на јавна расправа на која тој се појавува како посебен говорник за мене е не само понижувачко туку и невкусно“, напиша Најчевска на фејсбук.
Инаку, првата јавна расправа ќе се одржи денеска во свечената сала на Владата, а покрај премиерот Заев и Поповски, говорник ќе биде и професорот Љубомир Фрчковски.