Пукнатата главна цевка на канализационата мрежа го блокираше главниот град. И денеска забранет е пристапот кај улицата кај новата зграда на Факултетот за драмски уметности наспроти Министерството за надворешни работи.
Од објектот спроти МНР во моментов се испумпува водата од ископаната јама и се испушта на кејот на реката Вардар. Поради огромното количество вода во ископот има потопен багер, а се забележува и големо свлечиште кое може да предизвика и уривање на зградата на ФДУ која нема потпорен ѕид.
Општина Центар веќе ја стопираше изградбата на зградата на деловниот објект, чиј инвеститор е „Волис Проперт“, изведувач “Рапид Билд“, а надзор „Поинт Дизајн”. Се испитува дали инвеститорот има изготвен елаборат за заштита на градежната јама.
Од Водовод пак, најавија и тужби за инвеститорот поради тоа што без да се консултира со институциите копајќи на своја рака вчера вечер ја скинал цевката од главната фекална канализација поради што ископот за новиот објект се полни со фекалии.