Наивноста на СДСМ

by Фокус

Уште кога „добричината“ Заев, опиен од победата на изборите, самоуверен, недопирлив, изјави дека „никој од администрацијата нема да биде избркан од работа“ и кога молчешкум се откажа од ветингот во судството, природен развој на настаните беше да се случи вртоглавото заминување на Специјалното јавно обвинителство, кое просто со амин и на СДСМ го пуштија по вода

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Чекав да видам дали владава ќе изнајде начин како да се справи со силната разурнувачка, црна пропаганда произведена од опозицијата, која рака под рака со највлијателните национални телевизии и нивните сопственици, засилено ја турка и ја мести Македонија конечно, со сето бреме и тежина што ги носи со децении, да нагази на гнилата штица.

И ќе нагази. Тоа е речиси извесно. Независно што владата најде начин да се справи со ковид-пандемијата, слично како и другите земји; независно што истата таа влада се справи и со тешката енергетска криза предизвикана од војната во Украина; независно што секојдневно ја крпи и ја крепи на некој начин сиромаштијата со ограничувањето и какво-такво контролирање на цените на основните потрепштини на граѓаните − на крајот сето тоа ќе се покаже беспредметно и за граѓаните на оваа земја и за Владата и за државата во целост.

За првпат оваа, а и претходната влада на СДСМ сфати дека времето опасно нѐ гази и дека мора да се направат болни, политички (за среќа, не и човечки) жртви за дооформување на државава како рамноправен меѓународен субјект.

Па, и на граѓаните, на повеќето од нив, им стана јасно дека домашниот есап со кој се залажуваме како децана мали не излегува ист како на пазар.

Еден вистински домаќин знае како паметно да си го води домаќинството само ако научи како да ги избалансира домашниот и чаршискиот есап.

ОПУШТЕНОСТ И ЛЕКОМИСЛЕНОСТ

Е, на нашиве две последни влади на СДСМ некако им избегаа конците од раце. Загнати по надворешната политика, го оставија незаштитен, необмислен, неорганизиран домашниот простор кој опозицијата го изора вдолж и попреку и го посеа со невидена омраза и поделба на народот.

Не се снајдоа и покажаа дека не располагаат со таков капацитет со кој може да го тераат и едното и другото. Големата европска чаршија, откако ќе се пробиеш до неа, бара на тезгата да ги изложиш сопствените производи.

Кои? Барем два за почеток, може? Реформите во судството? Пробуваме, ама излезе многу заплеткана работата. Добро, барем реорганизација на јавната администрација?

Бетер, таму не се знае ни кој јаде ни кој пие. Чекајте! Имаме со што да се пофалиме. Со слободата на медиумите!!! Речиси сто места претркавме! Браво!

Значи, независно од тоа дали се работи за оваа или за претходната влада на СДСМ резултатот е видлив – лежерна опуштеност, лекомисленост и еклатантна наивност со која покажаа дека не знаат со која препредена и жилава организација ќе се сретнат на политичката сцена и со кои остатоци од воспоставениот режим на ВМРО-ДПМНЕ треба да се соочат при градењето на институциите кои беа обучени да работат само по партиска нарачка.

Уште кога „добричината“ Заев, опиен од победата на изборите, самоуверен, недопирлив, изјави дека „никој од администрацијата нема да биде избркан од работа“ и кога молчешкум се откажа од ветингот во судството, природен развој на настаните беше да се случи вртоглавото заминување на Специјалното јавно обвинителство, кое просто со амин и на СДСМ го пуштија по вода.

СЛАМКА ЗА СПАС НА ВМРО-ДПМНЕ

И тогаш реагирав. Не зашто се работеше за кадри на ВМРО-ДПМНЕ, туку за потребата да се прочисти буџетарската машинерија од неспособните, неквалификуваните, неработливите и корумпирани партиски војници со фамилијарни, кумовски, пријателски и роднокрајни опашки, кои во секој поглед ја уназадуваа ефикасноста на државните институции.

Е, сега, кога една владејачка гарнитура ќе реши да ги толерира неспособните и некомпетентни, партиски кадри од претходната власт заседнати по шалтерите, канцелариите и кабинетите, тогаш, галиба, има намера исти такви, само овој пат нивни партиски кадри да вдоми дури и на поубави и позначајни места.

И ете ти една општа, збуткана, административна маса со подеднакво неспособни, некомпетентни кадри, спремни за коруптивни зафати. И се множат.

Администрација, ѓоа сме Германија, по бројност, не по квалитет, се разбира. Туку, да не губиме време и да се фатиме како за сламка за уставните промени, зашто никој не може да биде сигурен што носи денот. Можеби таа сламка е последната за спас на Македонија.

Можеби е и последната сламка за спас на ВМРО-ДПМНЕ, кое може да се надева на победа на следните избори само ако со акламација се изгласаат уставните промени, а веднаш потоа со акламација се донесе одлуката за распуштање на парламентот.

Во спротивно, доколку пропаднат преговорите со ЕУ, најголемиот губитник ќе биде ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости