Наде Талевска: Давам поддршка на Шарена револуција!

by Фокус

Еден од најдобрите вокали кај нас, поп пејачката и солист во Македонска Опера и Балет, Наде Талевска Спасовска, вели дека во Македонија конечно доаѓа период за големи промени. И ја дава својата искрена поддршка на Шарената револуција, и верува дека дошло времето кога треба светот да се предаде на младите сили и мозоци, а небулозата со македонски плати и европски даноци да стане минато.

,,Со сигурност тврдам дека имаме доста квалификувани млади луѓе кои што можат да ја вратат насмевката и вербата кај народот. Сакам да ги растам моите деца во општество кое би било засновано на слобода, еднаквост, рамноправност, и тоа рамноправност на граѓаните за користење на јавните добра, општество каде моите деца би имале среќно и безгрижно детство, каде здравството и образованието би биле бесплатни или сведени на минимум давачки, и на тој начин подеднакво достапни за сите. Да нема повеќе Тамари, да нема Мартин! Правниот систем да работи на страна на ПРАВДАТА!,, – вели Наде, додавајќи дека нејзината слика за идеална држава според неа, сеуште е многу далеку од нас и нашето секојдневие, но се надева дека младите сили ќе донесат промени на подобро.

- Advertisements -

,,Нам ни треба општество на социјална правда каде што работничките права би биле поставени на прво место со цел да се сузбие сиромаштијата, каде капитализмот не би бил толку напреден и да престанат се богатат малкумина на грбот на мнозинството, каде луѓето не би му робувале на капиталот, туку самиот капитал би работел во служба на народот. Ни требаат плати и даноци кои што ќе бидат еднакво пропорционални, а не како во моментов – европски даноци, а македонски плати! Општество каде власта ќе служи на народот, праведни институции кои би функционирале за сите нас без неправда и корумпираност, за еднаквост и солидарност, општество каде национализмот би бил потиснат до моментот на негово целосно губење, како и сите останати форми на дискриминација,, – изјави за Фокус вокалистката.

Наде е присутна на сцената со години наназад. Има учествувано на голем број на фестивали за забавна музика и има освоено десетици награди. Лани на интернационалниот фестивал ,,Славјански базар,, во Белорусија ја освои наградата за најдобра изведба и претставување на вредностите од Македонија.

Поврзани новости