За четири години, откако започна Ковид пандемијата, па се до денес, Владата потрошила над две милијарди евра финансиски средства за граѓаните и бизнисите, информира вицепремиерот за економски прашања Фатимир Битиќи.
Според него, последниот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра ќе биде наменет за ученици, студенти, ранливи категории на граѓани и лица со попреченост.
Исто така, 155 милиони евра биле наменети за пензионерите, граѓанскиот сектор и земјоделците, како и 492 милиони евра за поддршка на приватниот сектор.
Според Битиќи, обезбеден бил прилично голем пакет за финансирање на приватниот сектор, и го потенцира новитетот, односно мерката кој аќе резултирала со повисоки плати во приватниот сектор. Станува збор за овозможување на покачување на платите во приватниот сектор од три до десет илјади денари, за кои нема да има плаќање на придонеси.
-Четириесет илјади сточари ќе бидат поддржани со новиот пристап на субвенционирање во сточарството, а тоа е дека за прв пат сточарите ќе добијат авансно 30 проценти од субвенцијата која им следи.
Околу 185 илјади пензионери ќе придобијат од разните економски мерки кои ги усвоивме, и се работи претежно за пензионери кои спаѓаат во делот на ранливите категории. Од декември важат мерките за пензионерите, односно 92.000 пензионери кои примаат пензија до 14.000 денари, за пет месеци ќе добијат по 3.000 денари, 42.000 пензионери кои примаат пензија помеѓу 14.001 и 16.000 денари ќе добијат по 2.000 денари, додека 52.000 пензионери кои примаат пензија помеќу 16.001 и 19.000 денари ќе добијат по 1.500 денари- истакнува Битиќи.
За време на трибината ,,Повеќе за сите” пак, која се одржа неодамна во Кичево, тој кажа дека ниту една влада од осамостојувањето на земјата немала направено вакво нешто, враќање на над две милијарди евра кај граѓаните и компаниите, со пакетите на анти-кризни мерки.
-Се грижиме и за куповната моќ на граѓани, со помалку пари да може да купат повеќе основни производи. Како дел од мерките е предвидено и одлука за одобрување на користење на дехидрирано млеко за производството на млеко и млечни производи, со што директно ќе се влијае на намалување на малопродажните цени млекото и млечните производи.
Неуморни сме, и понатаму продолжуваме да се грижиме за оние на кои најмногу им е потребна помош и во делот на трошоците за струја. Преку Програмата за енергетска сиромаштија, предвидени се еден милион евра за финансиска поддршка на над 5.000 семејства-истакна вицепремиерот за економски прашања.
Вики Клинчарова