Хуманитарната акција на Sport Life „НАВИВАМЕ ЗАЕДНО ЗА МАКЕДОНИЈА“ која траеше од 11-ти до 21-ви јуни, обезбеди вкупно 712.500 денари, средства наменети за поддршка на Центарот за рани интервенции и третман кај децата со нарушувања од аутистичниот спектар, во Охрид.
Во деновите додека навиваме за нашата репрезентација на ЕУРО2020, Sport Life својата поддршка ја изрази со издвојување на средства за донација од секој уплатен тикет со одигран натпревар со македонската репрезентација.
-За нас во Sport Life, спортскиот живот и општествената одговорност секогаш одат заедно. Заедно навиваме и заедно со нашите играчи и членови овозможивме да се соберат над 700.000 денари за подобрување на животот и условите за третман на лицата со аутизам. За таа цел го потпишавме договорот за донација со Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ која што ќе биде наменета за нивниот центар во Охрид, изјави Емил Димитров, извршниот директор на Sport Life.
„Во Охрид, во рамки на ЈЗУ Општа Болница Охрид, на крајот на 2019 година беше отворен Центар за рани интервенции и третман на лица со нарушувања од аутистичен спектар, кој во текот на оваа година успеа да опслужи 80 деца. Проблемот со кој се соочувавме при функционирањето на Центарот, беше непостоењето на директен влез во просториите на истиот. Тоа беше огромен проблем за сите засегнати страни, а со почетокот на пандемија која сѐ уште трае, овој проблем стана уште поголем. Единствено решение беше изведување на надворешни скали кои ќе водат директно до Центарот. Меѓутоа, тоа беше инвестиција која ние како непрофитна организација не бевме во можност да си ја дозволиме и оттука нашата огромна благодарност до Sport Life, за нивната донација која тоа ќе го овозможи.“, беше истакнато од Весна Стојановска од здружението „Во мојот свет“.
Здружението „Во мојот свет“ успешно работи веќе 10 години, а неговите активности се насочени пред сѐ, во обезбедување на центри за рани интервенции и третман на деца со нарушување од аутистичен спектар, како во Скопје, така и во останатите градови низ Земјата и дневни центри за престој на возрасни лица. Засега, вкупно 4 центри во земјата функционираат под раководство на Здружението.
Sport Life, како и досега така и во иднина останува отворен за соработка со сите институции и организации за остварување на општествено одговорни проекти и цели во сите области на нашиот живот.
ПР