Над 50 загинати во пожарите во Чиле: огнот се доближува до населените места

by Fokus

Бројот на загинати во шумските пожари кои продолжуваат да беснеат во централниот дел на Чиле се искачи на 51, а бројот на жртви најверојатно ќе продолжи да расте, соопштија локалните власти.

Службите за итни случаи се обидуваат да ja задржат огненaта стихија која ги загрозува и урбаните средини.

Црн чад извира над многу делови од регионот Валпараисо во централниот дел на Чиле, дом на речиси милион жители, а пожарникарите користат хеликоптери за да се борат со пожарот.

Областите околу крајбрежниот туристички град Вина дел Мар се меѓу најтешко погодените, а спасувачките тимови се борат да стигнат до сите погодени области.

Министерката за внатрешни работи Каролина Тоха рече дека земјата се соочува со најголемата катастрофа од земјотресот во 2010 година, во кој загинаа околу 500 луѓе.

„Површината зафатена со пожари денес е многу помала од минатата година, (но) сега областа на која се заканува пожар се зголемува“, рече Тоха.

Таа изјави дека властите најмногу ги загрижува фактот што некои од активните пожари се развиваат многу блиску до урбаните средини „со многу висок потенцијал да загрозат луѓе, куќи и други предмети“.

„Ситуацијата е навистина многу тешка“, рече чилеанскиот претседател Габриел Бориќ за време на неговото обраќање до нацијата.

Помеѓу петокот и саботата, површината зафатена со шумски пожар се зголеми за 30.000 до 43.000 хектари.

Шумските пожари не се невообичаени во Чиле во текот на летните месеци, а минатата година од рекордниот топлотен бран починаа околу 27 луѓе и беа уништени повеќе од 400.000 хектари земја.

Поврзани новости