Онлајн петицијата адресирана до Оливера Зекиќ, претседателка на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми) во Србија, собра над 438.000 потписи, со кои граѓаните бараат да им се одземе дозволата на телевизиите Пинк и Хепи.
Петицијата иницирана од ,,Крени – промени” и Здружение за заштита на уставноста и законитоста, беше објавена пред 11 месеци, но не привлече големо јавно внимание. Но, по случувањата со масовните убиства кои се случија во Србија периодов, за помалку од две недели се собрани речиси половина милион потписи.
-Националните фреквенции доделени на ТВ Пинк и Хепи во голема мера се користат за кршење на Законот за електронски медиуми.
Иако оние кои даваат медиумски услуги мора да имаат документарна, културна, научно-образовна и детска програма, овие две телевизии со детска програма имаат врска единствено кога во студио ќе повикаат локален политичар, за кој сведоци тврдат дека заведува малолетнички, и ние имаме обврска да им застанеме на патот на таквите гадости, без разлика на потенцијалните несогласувања, политички разминувања или различни определби – нагласено е во петицијата.
Во масовните протести кои деновиве се одржаа ширум Србија под мотото ,,Србија против насилство” граѓаните адресираа повеќе барања до Владата.
Помеѓу барањата се и оние со кои се апелира на итна смена на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, одземање на националните фреквенции на телевизиите кои промовираат насилство, неморал и агресија, како Пинк и Хепи, како и гасење на таблоидите кои промовираат насилство и континуирано го кршат новинарскиот кодекс.
Вики Клинчарова