Специјалното јавно обвинителство во последниот свој шестмесечен извештај откри дека на хард дискот најден во канцеларијата во УБК, која ја користел свиркачот Звонко Костовски, биле најдени вкупно 31 495 разговори и 72 513 смс пораки. СЈО претходно објави дека на овој хард диск биле генерирани фајлови од комуникација меѓу два телефонски броеви, чија цел бил лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој бил прислушуван без судски налози.
При извршената анализа на раговорите е утврдено дека 15 531 од разговорите се приватни, додека од СМС пораките анализирани се вкупно 84% при што се издвоени 58.365 смс пораки за кои се утврдило дека станува збор за приватни СМС пораки.
СЈО соопштува дека во текот на седмиот извештаен период отворени се 8 нови истражни постапки против вкупно 64 лица. Новите истраги се однесуваат на финансиски криминал и постои сомнение дека преку овие кривични дела предизвикана е штета од 92 милиони евра на буџетот на државата.
Од ова обвинителство се надеваат дека наскорот ќе биде донесен новиот закон со што СЈО ќе биде интегрирано во републичкото јавно обвинителство.
„Ова јавно обвинителство изразува уверување во што е можно покус рок ќе биде конечно донесено законско решение кое ќе овозможи интеграција на ова Јавно обвинителство како самостојна институција во јавнообвинителскиот систем на Република Македонија, а преку кое на оваа институција ќе и биде загарантирана автономност во постапувањето и тоа не само по делата од сегашната негова надлежност, туку да добие надлежност и за гонење на кривични дела на корупција од висок профил“, велат од СЈО.
Од таму додаваат дека новитет во седмиот извештаен период претставува фактот што во новоотворените истраги акцент е ставен на истражувањето на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот Законик.