Над 300 тела пронајдени во масовна гробница кај болница во Газа

by Fokus

Масовна гробница со речиси 300 тела е откриена во болницата во Кан Јунис, соопштија вчера работниците за цивилна заштита во Газа. Израелските сили ја напуштија областа претходно овој месец. Полковник Јамен Абу Сулејман, директор за цивилна одбрана во Кан Јунис, за Си-Ен-Ен изјави дека вчера биле ископани 73 тела во дворот на медицинскиот комплекс Насер, со што вкупниот број на закопани во масовната гробница достигна 283.

Сулејман наведува дека некои од телата биле пронајдени со врзани раце и нозе и дека има индиции за егзекуција. „Не знаеме дали се живи закопани или егзекутирани. Повеќето од телата се распаднати“, рече тој. Си-Ен-Ен не можеше да ги потврди тврдењата на Сулејман. Тој стапил во контакт со израелските одбранбени сили (ИДФ) и, меѓу другото, ги прашал дали телата закопани во болницата се ексхумирани за ДНК тестови.

Портпаролот на цивилната заштита на Кан Јунис и шеф на потрагата по исчезнатите, Раед Сакр, изјави за Си-Ен-Ен дека трагаат по телата на уште 400 луѓе по заминувањето на израелската армија на 7 април. Репортерот на Си-Ен-Ен, кој во неделата ја посети областа, наведува дека во јануари, како дел од привремена мерка, мештаните ги закопале телата на убиените членови на семејството во болницата.

Кога се вратиле по израелското повлекување, откриле дека телата биле ексхумирани, веројатно за да може ИДФ да користи ДНК анализа за да утврди дали има заложници меѓу загинатите. Телата потоа беа ставени во најмалку една масовна гробница.

Локален жител изјави дека допрва треба да го најде телото на неговиот 21-годишен син, кој беше убиен во јануари. „Сè уште не сум го нашол. Го закопавме таму, но не можеме да го најдеме. И сакавме да му направиме пристоен гроб“, рече тој.

Една жена рече дека 10 дена го бара телото на својата ќерка, која на крајот на јануари беше убиена во ракетен напад врз зграда. Таа рече дека Израелците ги ископале телата. „Го најдовме телото на тетката. Но, не можеме да ги најдеме другите“, додаде таа.

ИДФ соопшти дека извадила десетици тела од Газа за ДНК тестови во Израел, а потоа ги ставила останките во контејнери. Областа околу медицинскиот комплекс Насер беше интензивно бомбардирана во јануари и февруари. Во тоа време, локалните жители копале привремен гроб во болницата бидејќи немало безбеден пристап до гробиштата.

Поврзани новости