Во далечната 2010 година, власта под капата на Никола Груевски го најави грандиозниот проект од над 100 милиони евра за набавка на медицинска опрема. Тука и „пукна“ скандалот, бидејќи апаратите се набавија, но дел од нив воопшто не беа инсталирани, друг дел веднаш мораа да се сервисираат, додека трет дел останаа да фаќаат прашина.
Најавените четири апарати за зрачна терапија, за најтешко болните пациенти од 6 милиони евра, пак, сѐ уште не го видоа светлото на денот. Апаратите стигнаа, никој не кажа како се набавени и како се плаќаат. По цели 14 години, поголемиот дел од нив скапуваат во магацините. Според информации на „Фокус“, повеќе од 200 медицински апарати откако пристигнаа, не биле ставени во функција!
Наеднаш во јавноста одекна веста дека ќе се набавува медицинска опрема во вредност од 40 милиони евра. За само краток период, таа сума се зголеми на 69 милиони евра и наеднаш тоа стана бизнис-зделка тешка 100 милиони евра. И од тука почна сѐ.
Груевски постојано играше на картата на здравјето на граѓаните, па свесен беше дека ако во изборната програма имаше „реформаторски проекти“, автоматски тоа е добитна комбинација за победа на изборите.
Заедно со Никола Тодоров, кој, исто така, беше министер за здравство, отворија ново поглавје, но пропратено со обвинувања за корупција, матни зделки, преплатени медицински апарати дури за 250 отсто од реалните цени.
Во тој период, опозицискиот СДСМ одржа бројни прес-конференции на кои обвинуваше дека овој грандиозен проект е само една обична пералница на пари.
Според фактурите и цените на апаратите, со кои располагаа тогашните опозициски партии, кога би се направила споредба за тоа колку пари се потрошени за апаратите, по кои цени се купени и колку изнесуваат реалните цени, ќе се види енормната разлика во сумите.
Според информациите на тогашните опозиционери, за зелениот ласер, кој се користи за отстранување на простатната жлезда, биле потрошени 700.000 евра, а реалната цена на ласерот чини помалку од 200.000 евра.
Потоа тука е кардиоангиографот од фирмата „Shimatsu“, кој е набавен по цена од 820 илјади евра, а реалната цена е 450 илјади евра.
Магнетна резонанца е платена 1 милион и 380 илјади евра, а реалната цена е 790 илјади евра, додека сити скен компјутерот набавен по цена од 900 илјади евра, реално чини 530 илјади евра.
Колку само магнетни резонанци беа купени, а не беа ставени во употреба, па пациентите и ден денес чекаат со месеци за да закажат и да добијат регулативи, што може да биде кобно за нивниот живот.
Од СДСМ, неколку пати јавно го поставуваа прашањето во кој џеб влегле тие 28 милиони евра, кои требало да се исплатат за камата за набавката на медицинската опрема и уште колку нови апарати можеле да се купат со овие пари во јавното здравство?
Уште во 2010 година, кога се инсталираа првите апарати во јавните здравствени установи, излегоа со фактури и царински декларации дека е направена милионска афера со медицинските апарати, во која власта на Груевски наводно земала големи провизии.
Иако, за набавката на медицинската опрема беа потрошени народни пари, сепак власта на ВМРО-ДПМНЕ не почувствува никаква одговорност да објасни како се потрошени парите на граѓаните.
И ден денес, по седум години од владеењето на актуелната власт под капа на СДСМ, овие документи се чуваат далеку од очите на јавноста.
Апаратите стигнаа, никој не кажа како се набавени, од кои фирми, како се плаќаат, ама по цели 14 години, поголемиот дел од нив со милионски суми се расипуваат во магацините.
Најважно од сѐ беше сликањето и промоцијата, ретко некој од медицинските апарати заврши на соодветното место.
Тодоров, пред да се смени власта, најави уште еден спектакуларен проект од 33 милиони евра за набавка на опрема, но не успеа да го реализира. Сепак, мораше да го напушти министерското столче.
ПОВЕЌЕ ОД 200 АПАРАТИ ВОН УПОТРЕБА
По него, најдолго на фотелјата се укотви Венко Филипче, кој само четири месеци по преземањето на функцијата во 2017 година, во интервју за „Фокус“, вети дека ќе се направи ревизија на набавката на медицинска опрема набавена во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе од една деценија постојат сомнежи за спорни набавки на медицински апарати, кои се купуваат по енормни суми, но ниту претходната, ниту сегашната власт не мрдаат со прст. Се обвинуваат само на прес-конференции и тука завршува сѐ.
– Затекнавме инкубатори на места каде што воопшто не се користат, покриени со најлони. Потоа, тука се и акцелераторите за зрачење на онколошки пациенти, кои чинат милиони евра, но не се инсталирани. Седат во подруми во кутии и скапуваат.
Такви медицински апарати има еден куп, а за нив се дадени милиони евра. Ќе ги најдеме сите документи и ќе направиме сериозна ревизија за тоа колку и дали се претплатени – тврдеше Филипче во интервјуто.
Екс министерот, пред година време ја напушти фотелјата, но тоа не се случи. Останаа само празните ветувања дека ќе „истражи“ што се крие во заднината на милионскиот проект за набавка на медицинска опрема.
Овие информации продолжуваат да се чуваат како државна тајна, а документите да фаќаат прашина во ресорното Министерство.
Од тој момент не се спомена ниту стомилионската опрема, ниту каде завршија апаратите, а ниту, пак, се провери како функционирало плаќањето, дали се исплатени сите рати, кој апарат колку чини и во кои здравствени установи каква опрема е распределена?
Па, дури и тоа колку било потребно дополнително да се доплати за тоа што еден медицински апарат години седел затворен во магацин?
Филипче, не само што не го истражи спорниот проект, туку
со текот на времето, како што ја зацврстуваше својата министерска позиција, така со брзина на светлината и за него „пукнаа“ неколку тендерски скандали што беа спроведени преку Министерството за здравство.
И тој, и сите министри по него продолжија со набавка на медицинска опрема со вртоглави цени.
Според нашите информации, повеќе од 200 медицински апарати откако пристигнаа, не беа ставени во функција бидејќи за секој од нив мораше да има посебна инфраструктура, каде што ќе биде сместена опремата.
Повеќето од јавните здравствени установи и денес не ги добија потребните апарати, иако седум години со државата владеат сдсмовците.
Нашите извори тврдат дека за дел од апаратите повеќе не е финансиски исплатливо да се сервисираат, дел не можеле воопшто да се сервисираат, некои од нив биле во тек на сервис, за некои сѐ уште се распишуваат јавни набавки, а во меѓувреме страната на Бирото за јавни набавки врие од нови тендери за медицинска опрема, кои одат преку Министерството за здравство.
Уште во далечната 2012 година, преку ресорното Министерство, на чело со Тодоров, се направија неколку тендери за набавка на акцелератори, апарати за зрачна терапија, кои чинат повеќе од 1,5 милион евра за само еден апарат.
За инсталација и набавка на еден таков апарат потребни се околу 3 милиони евра, бидејќи за да се постави, потребно е да се изгради соодветна зграда (бункер) и во неа да биде сместен апаратот.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК