Над 15 штипски здравствени работници се уште се без ковид-наградата

by Fokus

 Над 15 штипски здравствени работници од Клиничка болница-Штип кои во битката со корона вирусот се вклучија по 6 декември 2020 година се уште ја немаат добиено заслужената награда од 30.000 денари. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев денеска потврди дека дополнителниот список со овие вработени е испратен до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Наградата за битката со корона вирусот е пристигната до над 220 вработени во штипската болница.

-После датумот кога беше направен пресекот и друг персонал се вклучи во битката со корона вирусот. Така да парите беа пуштени само врз база на првобитните списоци, се она што отпосле дојде да работи таму. Ние имаме неколку пати комуникација со Министерство за здравство. Ние сме спремни како болница да им ги дадеме наградите, коишто отпосле дојдоа и се вклучија во битката со коронаинфекцијата. Но, мора да имаме одобрение од Министерство за здравство, кое го чекаме да ни го одобри и од сопствени средства да им даде награда на луѓето, кои отпосле се вклучија во битката, вели Ѓеорѓијев.

Во штипската модуларна болница во моментов се хоспитализирани тројца пациенти, од кои еден е потежок, а останатите двајца се со полесна здравствена состојба. 

-Да ја искористам приликата и да апелирам граѓаните кои се уште не се вакцинирани, да се пријават и да се имунизираат, со цел есента да ја дочекаме без поголеми проблеми, вели Ѓеорѓијев.

Поврзани новости