Група на граѓани се пожалиле на бучавата од фестивалот „Самерленд“ кој се организира во Градскиот парк во Скопје. Поради таквите поплаки, од Град Скопје решија да го скратат времетраењето на фестивалот навечер.
„По добиеното барање од група граѓаните од Дебар Маало во однос на бучавата од настаните коишто се организираат во рамките на манифестацијата „Самерленд“, што се организира во Градскиот парк, Градот Скопје донесе одлука за скратување на траењето на активностите на оваа манифестација и истите да завршуваат еден час порано.
Така, наместо до полноќ, програмата секоја вечер ќе трае до 23 часот, а истата ќе се одвива и со намалена гласност.
Целта на манифестацијата „Самерленд“ е во текот на месец јули да понуди интересни забавни содржини и активности за сите возрасти во Градскиот парк“, велат од Град Скопје.