На жена и било забрането да абортира, иако носела плод со аномалии

by Фокус

На денешната националната конференција „Законските ограничувања – безбеден и легален абортус“ во организација на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, жена сподели лично искуство за тоа како не и било дозволено да го абортира плодот за кој имала медицински сознанија дека е со аномалии.

Жената, чиј идентитен е анонимен за јавноста, на присутните им раскажа на кратко дека е една од многуте жени во земјава, чија судбина била запечатена со одлуката на докторите и социјалниот работник од стручната комисија, кои не и дале дозвола за абортус.

-Не можам да се помирам со фактот дека некој толку лесно може да донесе одлука во мое име, а јас да немам право на глас, одлуки кои допираат длабоко во мојот приватен живот и мојата интима. Мислам на пратениците кои ги плаќаме, а кои си земаат за право да одлучуваат за нашиот живот како ќе се одвива, вака го започна своето обраќање мајката која добила негативен одговор од второстепената комисија при Министерството за здравство по барањето за абортус.

Таа додаде дека одлуката за неа ја донеле доктор за стерилитет и социјален работник кој никогаш не го видела. Побарала да разговара со членовите на Комисијата, но и било речено дека се недостапни и „поставени од горе“.

Кога ќе поднесете барање до првостепената комсија ви кажуваат дека е чисто формално и ве препраќаат на второстепена комисија. Таму се соочувате со шок. Второстепената комисија е составена од два доктори и еден социјален работник. Вие не ги гледате, може седат во кафуле и таму ви ги потпишуваат документите со кои ви ја запечатуваат судбината. За три дена добив негативен одговор. Ден денес се прашувам тој социјален работник кого советуваше затоа што со мене не се сретна. Тоа не можам да си го објаснам. Жално е за мене, но и за господата пратеници кои додека се донесуваше законот не кажаа ни три збора, рече таа.

На конференцијата експертите ги сумираа штетните резултати од носењето нов Закон за абортус пред две години. Сите се согласија дека носењето на овој неуставен закон во Македонија ги ограничило репродуктивните права и слободи на жената и потребно е да се смени во најбрз можен рок.

Професорката Каролина Ристова-Астеруд, во своето излагање нагласи дека кај нас со Уставот е дозволено правото на легален абортус.

– Кај нас ова право, оваа медицинска интервенција за која што жената самата одлучува е јасно загарантирано со Устав и со Закон. Владата не само што донесе неуставен закон, туку и со буџетски пари почна да води кампањи кои практично се против Уставот! Невидено е да се водат вакви кампањи кои се во спротивност со Уставните начела на земјата и тоа со народни, буџетски пари! Проблемот е што на еден кукавички начин Владата се обидува на „мала врата“ да го ограничи ова право, навидум регулирајќи некои т.н. „ситни процедури“ кои наводно се во полза на заштита на здравјето на жената. Многу е тешко да се објасни колку е голема опасноста од носењето на овој закон – рече Ристова-Астеруд.

Од Х.Е.Р.А се осврнаа на кампањите против абортусот кои датираат од 2008 година, а кои абортусот го изедначуваат со убиство. Најпрво овие кампањи се јавуваа повремено и анонимно, без извор или организација зад нив. Потоа зачестија колумните и изјавите на лица од МПЦ кои го осудуваат абортусот, за конечно, да се соочиме со лавина од владина анти-абортус кампањи. Во 2011 година почнаа да се емитуваат владините ТВ спотови кои го осудуваат правото на абортус. Сето ова резултира со носење нов Закон за абортус во јуни 2013 година, по скратена постапка. Во овој закон беа внесени одредби за задолжително советување на бремената жена од страна на стручно лице, доставување писмено барање до клиниката за извршување абортус, право на министерот за здравство да формира комисија за одучување и задолжително информирање на партнерот.

Х.Е.Р.А. се залага за донесување нов закон кој целосно ќе го штити достоинството на жената и нејзините репродуктивни слободи и ќе биде изготвен во согласност со стандардите на светската здравствена организација. Се бара укинување на владините кампањи и емитувањето на ТВ спотови кои ги стигматизираат оние кои го користат правото на абортус и се поставуваат дискриминаторски кон жената.

Поврзани новости