На возачот кој ја прегази Верица Белчовска одземен му е пасошот, во Обвинителство не ја негирал сообраќајката

by fokus

Осумнаесетгодишниот И.Ч. кој со возило „нисан“ ја прегази дваесетгодишната Верица Белчовска, чии органи беа донирани, не е во притвор, туку струмичкото суд му определил мерки на претпазливост- одземање на патнатата исправа, објаснуваат од обвинителството за Фокус.

Сообраќајната несреќа се случи на 7 април на булеварот „Ленинова“ во Струмица во 19.40 часот, кога момчето кое возело „Нисан“ удрило во Верица која преминувала на пешачки премин. Возачот избегал од местото на несреќата, а подоцна истиот ден, тој сам се пријавил во полициска станица.

-Против него до Основното јавно обвинителство Струмица е поднесена кривична пријава за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 од Кривичниот законик. По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Струмица за осомничениот определи мерки на претпазливост – одземање на патната исправа. Тој веќе даде свој исказ пред јавниот обвинител во кој не негира дека го сторил делото, велат од Обвинителството.

Возилото со кое била прегазена Белчовска е привремено одземено и ќе се врши вештачење, а по наредба на јавниот обвинител земени се примероци од крв и урина од возачот веднаш по неговото пријавување во полициската станица за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други супстанции.

-Исто така, јавниот обвинител поднесе и барање за достава на протоколот од извршената обдукција врз жртвата. Откако ќе пристигнат скиците и записниците од извршениот увид на лице место, надлежниот јавен обвинител ќе нареди детално сообраќајно вештачење за утврдување на сите околности под кои дошло до сообраќајната незгода, додаваат од Обвинителството.

Верче која е од беровско Русиново заедно со сестра ѝ и мајка ѝ живеела во Струмица, каде работела во угостителски објект. Таму беше и прегазена, а со тешки повреди беше пренесена во струмичката болница, па во Клиничкиот центар во Скопје, но не се разбуди од кома.

По нејзината смрт семејството одлучи да ги донира нејзините органи кои беа трансплантирани, нејзиното срце, бубрезите и коскените ткива. Спасени беа млади животи, а овој гест доби голема поддршка во јавноста.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости