На влезот и на пазарот во Демир Капија ќе се мери температура, жителите задоволни од мерките на градоначалникот

by fokus

Откако пред два дена беа регистрирани првите два случаи на корона вирус во Демир Капија, во општината се засилуваат мерките, со цел превенција и спречување на ширењето на вирусот. Поради тоа, од утре на сите лица кои влегуваат во Демир Капија ќе им се мери температура, исто и на лицата кои ќе одат на градскиот пазар.

-Денес на состанок на Кризниот штаб на Општина Демир Капија, беше донесена одлука, почнувајќи од утре 25.04.2020, од 05 часот наутро па натаму, на влезот на Општина Демир Капија на местото каде што се врши дезинфекција на возила да има поставено тим кој ќе мери телесна температура на сите лица кои ќе влегуваат во Демир Капија, со цел да се превенира и да се спречи понатамошно ширење на корона вирусот. Истото се однесува и на Градскиот пазар кој ќе работи утре од 07 до 11 часот. Сите лица кај кои ќе се утврди дека имаат покачена телесна температура ќе бидат упатени да се јават на својот матичен лекар, а за лицата кои дистрибуираат храна и останата стока ќе бидат известени и нивните работодавачи. Ова е една од низата мерки кои Општина Демир Капија одлучи да ги превземе во борбата против COVID19 – информираат од Кризниот штаб.

Во тек на вчерашниот ден од Центар за јавно здравје Кавадарци изјавија дека 11 лица од Демир Капија кои биле во близок контакт со инфицираните сопружници се наоѓаат во домашна самоизолација и нивната состојба се следи. Сопружниците пак, поради лоша здравствена состојба биле префрлени на инфективно одделение во болницата во Велес. Веднаш по добивањето на позитивните резултати на брачниот пар, градоначалникот Лазар Петров ги информираше своите сограѓани за состојбата, и побара од нив да се однесуваат одговорно, според мерките на Владата. Порача дека ќе се продолжи со редовна дезинфекција на улиците и јавните површини, но и ги замоли граѓаните за смиреност и самосвест во новонастанатата ситуација.

-Во овие тешки моменти со кои ние како мало населено место се соочуваме, ве замолувам да престане ширењето дезинформации и паника за да се спречи стравот кај граѓаните за сопственото здравје и безбедност. Доколку има некој информации, а сметате дека треба да ги знаеме, ве молам испратете ги по СМС. Ние како локална самоуправа континуирано и навремено ќе ве известуваме за понатамошниот тек на настаните, а вие како совесни граѓани почитувајте ги мерките за социјално дистанцирање од 2 метри и носете заштитна опрема (маска и ракавици) со што би се заштитиле самите себе и своите најблиски – порача Петров, посакувајќи им на заболените брзо и лесно оздравување.

Демиркапијци на социјалните мрежи ги поздравија одлуките на Кризниот штаб и ги пофалија транспарентноста и заложбите на градоначалникот. -Кога мало место како Демир Капија е соочено со ваква ситуација, сите очи се вперени во градоначалникот и луѓето од него ги очекуваат одговорите и насоките. Петров секогаш бил отворен кон својот народ, и со цело срце се вложува во својата работа. Првичната вознемиреност веќе ја нема, граѓаните му веруваат – ни изјавија жители на Демир Капија, општина во која до пред два дена немаше регистрирано ниту еден позитивен случај.

Вики Клинчарова

Поврзани новости