На умрени пациенти им се јавуваат по „Мој термин“

by Fokus

Седумдесет и тригодишен пациент, кој починал пред неколку месеци, денес бил баран по „Мој термин“ за да дојде да му се направи колоноскопија (испитување на слузницата на дебелото црево) на скопската Клиника за гастроенхепатологија, информираат болнички извори. Според нив, пациентот се пријавил за колоноскопија пред три месеци, но додека чекал термин, во меѓувреме починал, а системот како таков, не препознава пациенти кои починале. Дневно по „Мој термин“ се закажуваат во просек по девет амбулантски пациенти.

Нашите извори тврдат, дека целата фрка настанала откако медицинската сестра се јавила утрово за да го п0тсети пациентот дека денеска по проектот „Мој термин“ е закажан за колоноскопија. Тогаш, неговата сопруга целата потресена почнала да им вика по телефон, како можеле да им се јавуваат, да го бараат кога тој веќе починал. Според информациите, медиицнските сестри се задолжени да им се јавуваат на пациентите и да ги потсетуваат кога треба да се јават на преглед.

– Медицинската сестра се јави, како и секој ден, да го потсети пациентот дека денеска има термин за колоноскопија. Сестрата се збуни кога жената почна да и вика и да и кажува дека тој починал веќе два месеци. Девојчето е целото потресено. Ако сакаат да се прегледува по тој проект, тогаш нека си го средат системот, кој не препознава умрени. Мора да постои таква опција, а не да се јавуваме да ги потресуваме луѓето. Како ние да знаеме дека човекот е починат, во Бутел ли треба да одиме да ги бараме по матични броеви – реагираат дел од лекарите од Клиниката за гастроенхепатологија.

Според нив, во системот за „Мој термин“ мора да се променат многу работи, затоа што како што тврдат, вака очигледно не функционира.

– Реално, имаме по 15 минути од пациент за преглед, а сме претрупани со куп административни работи. Што попрво да направиме, да внесуваме во компјутер, да го прегледуваме пациентот или да му препишаме терапија. Немаме време ни во очи да го погледнеме. Ако некој пациент починал, тоа мора да биде поврзано преку Фондот за здравство, таму автоматски прекинува здравственото осигурување, тој матичен број прекинува да постои и се повлекува од системот. А, не вака да ги п0тресуваме луѓето.

Проектот „Мој термин“ функционира повеќе од две години, а се воведе откако на министерското столче седна Никола Тодоров. Повеќето од пациентите редовно се жалат дека за еден преглед или испитување чекаат со месеци, а дотогаш можат и да умрат. За разлика од нив, Тодоров редовно го фали овој проект и тврди дека вака функционира во сите европски земји.

Поврзани новости