Седам дома и ми ѕвони телефонот. Човеков не се јавил со месеци па од љубопитност кренав. Aло брат што правиш? Ај да бидам краток имам уште на 300 души да се јавам, па набрзина да те поканам да дојдеш во петок забава праам, по повод положени тестови за кола. Еј браво ајде да ти се множат, ќе гледам да дојдам. Не отидов, не бев при пари а и кај ќе терам до Сопиште, без кола, без ништо. Помина година дена, пак он. Ало брат дома си? Да дома сум. Ај ќе поминам. Помини. Помина. Ми донесе покана за веселба за положена и добиена возачка дозвола. И доле со ракописни допишани букви, поклон во плик или бензин. Дојде време за тоа, се наканив и отидов, што да праам, а и никад не сум бил на таква прослава. Пред да влезам се сликав со него, он со возачката во рака а позади нас колата што ќе ја сефтоса. Влегов внатре низ црвениот тепих со испрекинати линии демек автопат а внатре што ќе видиш. Играње правење, луѓе 400 души, од сите бранши. Политичари, пејачи, владики, амбасадори, новинари. По кратко дојде плех музика, па гајди, па Танец, па црковен хор, па Нокаут, па Колектив Дубиоза, па диџеј, па диџеј друг, па стендап комичар, па плесачици, па жадиња, па мадиња, а бе све ко што е ред!
На крај ајде ќе се фрла и волан за кола за оние што немаат положено па се тепаа кој да го фати па со музика со броење едееееееееееен па на два им прави демек фора ќе го фрла и трииииииииииии. И летна воланот, демек ко на шала се испотепаа да го фатат, со држ-недај, ама воланот несааќајќи летна во вис и го фати еден висок, што нит го знае дечково што прави забава нит го познава, дошол мајка му да ја донесе дека била колешка од работа со на славеникот мајка му, во Хигена работеле заедно на времето.
И после ајде торта ќе се дели, па со музика, онаа истата што секаде ја пуштаат кога се носи тортата, па славеникот ја сечеше со нож направен ко бришач а наместо бонбончиња делеше миризливи елки за у кола, ама од тие не скроз што ги отвораш туку само малку по малку да го соблакаш целофанот за постепено да се шити мирисот во колата. Сум видел такви и у веце ставаат. Него добар момент што го забележав е она цела сала што беше излепена со трајбли и налепници О’NAIL и светлечки рачиња што мафтаат, ама онака прво едниот прст па другиот па во низа па сите заедно па натаму од палецот до показалецот и назад ко на клавир коа правиш и после сите заедно онака три јаки со по две секунди пауза и после пак така цела вечер трепкање ама не се приметуваше монотонијата во трепкањето, туку само јас го приметив додека чекав конобарот да ми донесе лешници за морското прасе со мене што го носев зашто немав на кој да го оставам, жена ми работа имаше нешто.
Него да се вратам на муабетот за прославата. И овој нашиов така си зема поклоните од кумот што му ги беше дал, навлаки и патосници и си тргна да си оди а надвор го чекаа деверчињата кои наместо со ориз да фрлаат, прскаа со она средствата за шофершајбни што се, па од халогенките ко виножито се гледаше во воздухот. Нашиов од прва ја запали колата и тргна без да му трохира, а на регистрацијата му пишуваше „штотуку положен возачки испит“.
Интересно у секој случај, не сум видел ваков настан до сеа. Иначе јас си отидов со дечкото што воланот го фати, он веќе имаше возачка и возеше ама ете, го фати и што сега, да го врати ли? Не. Си го зема, си го однесе дома, вика кош ќе направел и во двор ќе играл. Барем за нешто да ја искористел висината а не само на есен да го отпушува оџакот на чичко му што се запушувал од дивиот лежник посаден пред да се населат таму. Почна да ми раскажува и како се населиле ама веќе стигнавме а и на морското прасе му се спиеше па си кажавме чао и онака ај нека пукне па он дека висок демек раперски со бокс, па ја тргни со пук, он со бокс, па он смени пук а јас бокс за да се погодиме, но не се погодивме, ама сепак како така се фативме и се занишавме со рацете, се подржавме едно 3-4 секудни додека со другата рака го вадев безбедносниот појас, па пред да излезам му реков – знаеш брат не вози брзо туку вози безбедно затоа што има луѓе кои штотуку имаат положено па за да се пофалат со тоа, можат некоја несреќа да направат.Излегов од кола и од што незгодно за да не ја треснам вратата, полека ја затворив, а таа само се закачи, не се затвори, па пак ја отворив, па пак му кажав чао и посилно ја затворив вратата.
А, иначе заборавив да кажам, не му ставив пари у плик туку му дадов еленска кожа и вештачко цвеќе. Ќе му се најдат, гарант!
Док се возевме, си идеше песнава у позадина па у глава ми остана цела вечер.