Лет од место

by lali 10:14
10:14

Kој е вашиот предизвик денес? Тој што ќе ви го зголеми адреналинот, ќе ве изнесе од секојдневието, ќе ве разбуди и ќе ве натера да се чувствувате дека навистина живеете. За жал, реалноста нѐ спушта на земја, токму во мигот кога сакаме да летнеме. Дали се тоа општествените норми и граници, или самите ние? Зашто живееме со наметнати и диктирани правила што се очекува да ги почитуваме.

Постојано се кршиме меѓу она што сакаме и што најдобро го можеме, и она што другите го бараат и очекуваат од нас. Колкумина од нас успеваат да се најдат себеси, да го прават тоа што најдобро го знаат, умеат и сакаат, предизвикувајќи го она што се „мора“?

- Advertising -

Еднаш прашав еден постар професор, што е тоа што нему лично му влева оптимизам при помислата на иднината. Ми одговори – тоа што човекот со своето постоење не се претворил во пластелин! Зашто секогаш постоеле луѓе што се опирале на силата на моделирање и вкалапување, и тие се оние што го движеле светот напред.  Замисли – ми вели – која е таа сила, кога среде бетон, магла и студенило, ќе се појави цвет, пркосејќи им на сите човечки измислици, технологии и стеги.

СЛОБОДНИ КАКО ПТИЦИ

Ете, тоа влева надеж и дава причина да не се откажуваме од патот што сме го избрале, колку и да е тежок и долг! Ретко го гледам професорот, но неговите зборови ме следат и ми даваат надеж. Можеби оти го насети цветот, па посака да го „нахрани и полие со вода“.

Некои луѓе успеваат да се пронајдат себеси. Некои остануваат затворени и заробени, предадени на звукот на отчуканата картичка на крајот од работното време, како точка на предаденото време, далеку од она што човек го прави од срце.

Но, не значи дека првите се подобри од вторите. Извесно е дека првите барем успеале да бидат помалку „пластелин“ од вторите. Зашто се опирале и опстојувале барајќи предизвици за да се искачат погоре и да излезат надвор од стегите.

И тоа почнало во оној момент, кога решиле дека тие самите, а не некој друг ги поставува правилата. Кога се почувствувале на врвот од искачената планина, подготвени да се вивнат угоре. Надевајќи се барем дека ќе слетаат на сртот од друга, повисока планина. Или ќе продолжат да летаат, слободни како птици. Но, некои, во мигот на триумф, почнуваат да ја наоѓаат и сопствената гибел, во сомнежот дали се подготвени да летаат, што го гасне жарот на птицата, дури не го изгасне сосема.

Луѓето што минуваат низ трауми и премрежја се веројатно „покрилати“. Зашто можеби тие се соочиле со стравот од сопствената минливост, па почнале разумно да го „трошат“ времето, исполнувајќи го секој преостанат миг. Преживувајќи ја траумата, тие нашле чист и отворен простор за освојување, како втора животна шанса. Станале бескомпромисни и кон себе, и кон другите, ослободувајќи се од багажот на дневните дребности.

МАГИЈАТА НА ПИКАСО

Тие почнале да дејствуваат и да размислуваат брзо и ефикасно, без седење и чекање. Тие, во овој нов живот можат и да ги изгубат блиските и пријателите, но и интересот за сето она од вчера, што ќе го заменат со нов и различен интерес и фокус. Тоа е разбирливо. Едноставно, тие луѓе не се веќе во „тек со времето“. Тие се или пред или надвор од времето.

Или, како што еден луд фламански сликар и боксер вели – ќе морам да живеам 320 години за да можам да му се доближам на Пикасо, кој творел 80. Зашто ќе морам да живеам поинаку, четирипати побрзо, за барем да ја допрам неговата магија, боксувајќи, сликајќи и движејќи ги стрелките на часовникот секој ден сѐ понапред и понапред, за да успеам да летам како него!

Сигурно не би ве храбрела да боксувате и да сликате како фанатици (освен ако тоа не ве прави среќни). Нема да ве бодрам ниту да бидете во тек со времето. Но, нема ништо полошо од тоа, кога во слободното време, лежерно и со половина срце им се посветуваме на тие работи што најмногу ги сакаме. Не мора да се чекаат трауми, болести и безизлези за одеднаш, магично, да се претвориме во птици.

Најважно е сознанието дека ако самите не се обидете, нема да знаете дали сте можеле да летате. Едноставно, летнете од местото кога ќе ги сетите крилата. Секогаш можете да се вратите таму кај што сте биле, но никогаш нема да стигнете таму кај што сте сонувале, ако сами не ги почувствувате и мрднете крилата. Отчуканата картичка ќе биде секогаш вашето безбедно враќање кон летот во место, како утеха.

Поврзани новости