На денешното судско рочиште за случајот „Монструм“ продолжи читањето на транскрипти од нелегално прислушувани разговори во УБК, а поврзани со петкратното убиство кај Смиљковското Езеро во 2012 година.
Од разговорите кои беа објавени не се создаде впечаток дека се откриваат нови детали за убиството. Во повеќе наврати разговараат лица кои неколку дена по убиството биле повикани во полициска станица и таму биле задржани по 24 часа, но потоа биле пуштени бидејќи надлежните не утврдиле дека имаат врска со убиството.
Се читаа и разговори на скопјанецот Неџмедин, од чиј сервис биле украдени регистерски таблички и ставени на „опел омегата“ со кои се превезувале убијците.
-Да ти кажам бев многу лошо, но сега сум добро. Бев во Грција и на влез во државата ме уапсија. Бев во полициска станица, но сега ме пуштија. Сакаа да ми монтираат многу работи. Имав едно старо возило, мерцедес, паркиран спроти сервисот. Ги украле таблиците и ги ставиле на возилото со кое се возеле убијците. Ми викаа ти си организирал и си избегал. Но сега се исправи работата, му вели Неџмедин на непознат соговорник.
Во еден од разговорите е и гласот на Бекир Асани, функционер од ДУИ. Соговорникот го информира дека го повикале во полициска станица и него и мајка му, по што Асани го распрашува па вели: „Ајде ќе го побарам тој заменикот во станица“.
Во судница се прочитаа и неколку разговори од обвинетиот Алил Демири, снимени десет дена по петкратното убиство. Од разговорите не се воочува ништо сомнително, туку се создава впечаток дека се водат секојдневни разговори. На 21 април 2012 година, Димири разговара и со неговата мајка.
Таа го прашува каде е, а Демири и вели дека е на гости. Мајка му неколку пати го прашува дали таму ќе седи, а зборуваат и за неговата сестра Кимет, која требало да се однесе кај извесна Нуредин.
Демири, на 1 мај 2012 година, беше уапсен со останатите обвинети во „Монструм“.
В.В.