На спомен-плочите наместо „бугарски фашистички окупатор“ да остане само фашистички окупатор, вели Заев

by Fokus

За нас Европската Унија е светост, нашата европеизација ја сакаме со постигнување европски вредности дома и ние тоа ќе го правиме со блокади или без блокади. Ние сме пријатели со Бугарија, треба да го решаваме проблемот, а јас не знам во што е проблемот, истакна премиерот Зоран Заев осврнувајќи се на актуелниот проблем со Република Бугарија.

Дефиниравме дека долгото и краткото име на државата се едно исто – Република Северна Македонија, немаме територијални претензии, пријатели сме и пренесовме комплетна доверба, рече Заев.

-Предложивме нивната авионска ескадрила да го чува македонското небо и тоа е доказ за голема доверба кон нашите соседи. Прва беше Грција, сега Бугарија, а се понудија и пријателска Турција и Италија кои сакаа да ја вршат оваа достоинствена и важна задача согласно НАТО-стандардите, а ние објаснивме дека имаме и втор сосед којшто исполнува услови како што е Бугарија. Согласен сум ако треба уште еднаш да ги дефинираме работите коишто се напишани во Договорот, а тоа е немешање во внатрешните работи вклучително и малцинските права затоа што тие се решаваат на меѓународно ниво пред Судот за човекови права. Реално, подготвен сум иако имам критики во домашната јавност, на спомен-плочите каде што пишува бугарски фашистички окупатор да остане само текст фашистички окупатор. Во духот на пријателството треба да внимаваме и како што Полска и Германија го решија проблемот или како што тоа го направија Германија и Франција, да гледаме низ призмата на пријателството, истакна Заев

Поврзани новости