На скопските клиники направена прва операција на колено со помош на робот

by Fokus

На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) првпат во јавното здравство во земјава, со асистенција на робот, е успешно изведена операција на колено.

Станува збор за интервенција врз 70-годишна жена изведена од страна на хирурзи од ТОАРИЛУЦ и хирурзи од клиниката во Лариса во Грција, со асистенција на позајмен робот.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Александар Трајановски, информира дека операцијата траела околу еден час. Ова, вели тој, не е мала работа.

„Испишуваме историја на Клиниката за ортопедски болести. Направена е прва операција со асистенција на робот, што не е мала работа за мала држава како што е нашата, да сме рамо до рамо со сите светски клиники и сите европски и светски стандарди.

На клиниката и понатака ќе продолжиме со имплантирање на тотални протези. Сега ова е нова процедура која овозможува преку асистенција на робот да се минимализира каква било можност за компликација, во смисла дека хирургот досега правел сè сам. Роботот е асистенција на хирургот, но сепак носечки дел е хирургот. Од големо значење е затоа што ги следиме сите светски стандарди и придонесува процентот за грешка да е многу помал“, изјави директорот.

 

Поврзани новости