За вработувањето на сопругата и балдазата, Бочварски не ја известил ДКСК навреме, па си ја платил казната

by Fokus

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски прекршил одредба од Законот за спречување на корупцијата бидејќи вработувањето на неговата сопруга и балдаза (сестра на сопругата) во јавна здравствена установа, не го пријавил во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во рок од десет дена од вработувањето.

Антикорупционерите утврдиле дека Бочварски не постапил согласно член 56 став 2 од Законот за спречување на корупцијата, според кој:

„(2) Избрано или именувано лице или одговорно лице во јавно претпријатие и друго правно лице што располага со државен капитал е должно да ја извести Државната комисија за секој избор, именување или вработување, унапредување на член на неговото семејство во државен орган, орган на локалната самоуправа, јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал, во рок од десет дена од денот на извршениот избор, именување, унапредување или вработување“.

ДКСК утврдила дека министерот Бочварски сторил прекршок, казнив по член 105, став 1, алинеја 14 од истиот Закон, по што издала платен налог, кој, пак, бил прифатен и платен во пропишаниот рок.

„Оттука, постапувањето на Антикорупциската комисија е запрено“, велат од ДКСК.

 

Поврзани новости