На подрачјето на Југоисточна Европа, од Словенија до Грција, се планира изградба на повеќе од 3.000 нови хидроелектрани, а реализацијата на тие проекти ќе има катастрофални последици по животната средина, бидејќи со тоа ќе се уништи „синото срце“ на европскиот континент, предупредија денеска во Сараево учесниците на собирот под име Прв европски самит за реките.
Собирот го организираше еколошкото друштво Ривер Вач од Виена, германската подружница на ЕуроНатур и босанскохерецеговската невладина организација Центар за животна средина, чие седиште е во Бања Лука. Конференцијата во Сараево собра повеќе од 200 учесници, воглавно припадници на разни еколошки здруженија, кои ги обедини проценката дека е потребно да се спречи изградбата на 3.000 нови хидроелектрани и брани на Балканот.
Преку подигнување на свеста за влијанието на таквите проекти на околината, еколозите сакаат да извршат притисок на потенцијалните инвеститори, вклучително и банките, да се откажат од финансирање изградба на хидроенергетските проекти, кои многу ќе влијаат на животната средина.
Габриел Швадерер од здружението ЕуроНатур потсети дека неговата организација, заедно со Ривер Вач, пред шест години започнала кампања да се сочува „синото срце“ на Европа, како што ги опишале реките кои постојат на балканскиот дел на европскиот континент и кои досега во поголем дел биле поштедени од експлоатација, односно од изградба на хидроелектрани.
Хидроморфолошкиот потенцијал на просторот од Словенија до Грција е проценет на 35.000 километри само во големите реки.
Еколошките друштва избројале дека од Словенија до Грција денес има 1004 хидроелектрани, 200 се градат, а конечниот план е изградба на околу 3.000 такви енергетски објекти.
Дури две третини се планирани да се изградат во заштитените подрачја вклучувајќи и национални паркови.
Во Македонија на мета е националниот парк Маврово, каде се планира изградба на 20 помали хидроелектрани. При девастирање на околината веројатно био дошло до уништување на живеалиштата на рисот, дива мачка, која речиси е истребена на европскиот континент , а на подрачјето на Маврово успеале да опстанат неколку десетици од тие животни.