Федералната унија на европските националности (ФУЕН) на 62-от Конгрес што се одржува во Клуж-Напока во Романија едногласно усвои Резолуција за правата на Македонците во Република Албанија, предложена од македонското друштво „Илинден“ од Тирана.
Резолуцијата содржи седум точки со кои се бара Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба на Советот на Европа „за регионални и малцински јазици”, да се признае македонското национално малцинство во Голо Брдо, Гора и на целата територија на Република Албанија, државната телевизија (ТВШ) да емитува програма на македонски јазик, како и да се учи на мајчин македонски јазик во државните школи во областа на Голо Брдо, Гора и на оние места каде живее значителен број припадници на македонската етничка заедница.
Во Резолуцијата се бара да се преиспита и административната поделба спроведена 2015 година, која според македонското малцинство во Република Албанија е чекор назад во почитувањето на правата на македонското малцинство во Голо Брдо и Гора.
Се предлага и во сите општини каде живеат повеќе од 20 отсто Македонци, покрај албанскиот, официјален да биде и македонски јазик и да се обезбеди финансиска поддршка од Министерството за култура на Албанија за кутурни и од Министерството за образование и спорт за задоволување на образовните потреби на македонското национално малцинство.
ФУЕН оваа Резолуција ќе ја достави до Владата на Република Албанија и меѓународните институции.
Македонското друштво „Илинден” е рамноправен член на ФУЕН од мај 2015 година и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава, кое е рамноправен член со право на глас.
Извор: МИА