На Нинџа при претрес во ќелија му биле одземени два мобилни телефони

by fokus

Два мобилни телефони, во период од осум дена, биле пронајдени кај Александар Василевски -Нинџа, кој е во притвор во истражниот затвор „Скопје“, како обвинет за насилството на 27 април 2017 година.

При претрес на неговата ќелија, чуварите нашле два мобилни, за кои сѐ уште не е познато како ги добил.

Директорот на затворот, Ѓоко Котевски, вели дека управата на затворот работи на подобрување на имиџот на затворската полиција и искоренување на овие негативни појави. На прашањето, на кој начин притворениците внесуваат телефони или други забранети работи, тој коментира дека доколку го знаат одговорот, тогаш би се ставил крај на овој криминал.

Нинџа, пак, вчера беше на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција каде што се бранел со молчење. Според обвинението, Нинџа го примил повикот од Виена во 14.30 часот на 27 април лани за да се почне со мобилизација на членството за насилен упад во Собранието.

Тој повеќе од пет месеци беше во бегство, а пред една недела сам се предаде во судот, по што беше однесен во притвор.

 

 

 

Поврзани новости