На МРТ и се закануваат поради милионски долгови, а телевизијата прокнижува добивки?!

by fokus

Вкупниот приход на Македонската радио телевизија за минатата година изнесува 19.346.806 евра по разни основи, додека трошоците на телевизијата за истата календарска година изнесуваат 18.079.977 евра. Телевизијата е во добивка од 1.117.100 евра, а во исто време Европската унија на преносители (ЕБУ) обвинува дека МРТ и должи милионски износи за неплатени услуги, а телевизијата ја има и на сите листи на срамот на УЈП за неплатени даноци.

Пред неколку дена ЕБУ и се закани на Македонија дека ќе и го прекини пристапот на МРТ до нивните услуги доколку не го подмири долгот. Тоа би значело губење на правото за пренос и учество на Евросонг 2018, односно доколку МРТ не ги исплати неподмирените средства, Македонија нема да може да испрати претставник на следната Евровизија. Нема официјален податок од ЕБУ во која висина е долгот, но се шпекулира со над 20 милиони евра.

Од друга страна МРТ не пропушта да се најде на листата на срамот на Управата за јавни приходи за неподмирени даноци кон државата. Според последните податоци јавниот сервис има долг кон УЈП во износ од 1,7 милиони евра.

Од таму не е јасно како јавното радиодифузно претпријатие успеава да прокнижи добивка, а при тоа во своите извештаи да не ги регистрира долговите по разни основи.

МРТ сепак имала трошоци кон ЕБУ минатата година. За членување на јавниот сервис во меѓународните радиодифузни организации како ЕБУ и ЦИРКОМ, МРТ платила 128.076 евра.

Ланските трошоци околу организирање и реализација на изборот на македонски претставник  и учество на фестивалот Евросонг 2016, пак, изнесуваат 137.798 евра.

МРТ има потфрлање во планираните инвестиции за набавка на опрема. Реализирани се инвестиции половина од планираното, односно во план било во набавка на опрема да се вложат 600.000 евра, а наместо тоа набавена е опрема во вредност од 300.000 евра.

Од друга страна телевизијата потрошила 90.000 евра за изнајмување на опрема во земјава и за наем на недвижности за дописниците од странство.

За поддршка на македонската музика остварени се трошоци во износ од 183.073 евра, средства што МРТ ги добива од Министерството за култура согласно Законот за поддршка на македонската музика.

За склучување на изведувачки и авторски договори од буџетот на МРТ биле потрошени 231.146 евра, а за надомест за членови на Надзорен одбор и Програмски совет биле издвоени 62.197 евра.

„Во текот на 2016 година групата трошоци за вработените бележи остварување во вкупен износ од 6,5 милиони евра. Од нив, 6,4 евра се однесуваат на бруто платите на вработените, а останатите се трошоци за теренски додаток за дописниците и снимателите кои МРТ ги има во Атина, Брисел и Вашингтон во износ од 108.176 евра“, стои во извештајот на телевизијата.

Во МРТ има околу 864 вработени, а просечната нето плата по работник изнесува 410 евра.

Поврзани новости