На минусни температури и во доста лоши услови 10-годишниот Ване го искачи Козјак: Во чест на претседателот Трајковски му пркосевме на невремето!

by Fokus
Вчера, во чест на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, младиот планинар од Неготино, Ване Бошев, со уште двајца планинари успеал да го искачи Козјак, највисокиот врв на планината Бабуна, кој се наоѓа на 1745 метри надморска височина.

-Временските услови уште во стартот беа неповолни. Имаше видливост до 50 метри, врнежи на снег, минусни температури. Сепак, решивме да тргнеме по зацртаната цел. Користевме јаже и три појаси за симнување поради опасност да паднеме во провалија. Дуваше ветар со силина од 25 метри во секунда, и по два часа качување стигнавме на врвот – раскажува Орданчо Бошев, таткото на Ване, кој и самиот е планинар и му ја всадил на своето дете љубовта кон планинарењето уште од три годишна возраст.

-Кога стигнавме на врвот, по кратка пауза, местење на појаси и врзување со јаже, сите тројца се пуштивме кон целта. Јажето моравме да го пуштиме поради безбедносни причини, снегот беше замрзнат и многу се лизгаше, па за да не завршиме во провалија, внимателно по три часа спуштање стигнавме на целта. Значи, вкупно пет часа поминавме во доста лоши услови, на температури од минус три до минус пет степени, но сепак ја остваривме нашата цел. Ване е многу горд што успешно го заврши подвигот кој му го посветивме на починатиот претседател Трајковски – вели Бошев.

Следна дестинација на младиот планинар е врвот Кајмакчалан на 17 и 18 март.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости