Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека и неговата доверба кон СЈО е опадната, во споредба со очекувањата кои ги имал кога, како што рече, и самиот се залагал за формирање на специјалното обвинителство.
Спасовски овој одговор го даде на новинарско прашање, на денешниот брифинг со врвот на МВР, односно да искоментира дали се уште верува во СЈО, бидејќи довербата кај граѓаните е намалена.
Тој не сакаше да посочи која е причината за неговата намалена доверба, кусо коментирајќи дека може да се земе во обзир и бегството на Никола Груевски.
Министерот не откри ниту детали за истрагата која се води за бегството на екс премиерот, сепак создавајќи впечаток дека вината наместо во МВР треба да се бара на друго место, што според него и набрзо ќе се потврди.
Тој зборуваше и за сите предвидени реформи во МВР, најавувајќи ветинг, кој ќе ги опфати сите вработени во оваа институција, односно од чистачка до министер.
Со најавениот ветинг под лупа ќе се стави начинот на кој биле вработени, нивната имотна состојба и напредокот во кариерата.
В.В.