Текстот е објавен на во 931. број од неделникот „Фокус“ на 9.август 2013 година
Пишува
Д-р Денко МАЛЕСКИ
ПРОЛОГ
Предноста на возраста е личното искуство. Во приказната на баба ми за Арнаутинот, кој на младото македонско партизанче му ги ископал очите, потоа бил фатен, ставен во затвор во Струга и, конечно, убиен во езерото при обид за бегство, не насетував говор на омраза кон другиот. Беше тоа само обична приказна за борбата меѓу доброто и злото, кое многу поинаку, и така човечки, го опишуваат некои од современиве приказни за деца. Мојот прв директен контакт со припадник на албанската заедница во Македонија беше на многу рана возраст, кога мајка ми, во отсуство на маж во куќата, мене, дете од првите одделенија, ќе ме пратеше да шетам низ скопските улици во потрага по дрвосечач. Молчеливиот човек, облечен во традиционални балкански бечви со намерно пренагласена кројка меѓу нозете, ме следеше до купот дрва пред куќата во која живеевме. Се сеќавам на грубите раце, на тврдото како камен лице, на нарамената пила и, се разбира, на чесно завршената работа. Во повоените години на создавањето на модерната македонска нација, кога безмалку целата енергија и скудни пари се насочуваа кон овој револуционерен потфат, имињата на малубројните македонски поети, писатели и политичари од албанската етничка заедница се изговараа со нешто налик на љубов. На тоа обврзуваше, не само доброто семејно воспитување – да се почитуваат другите, туку и државната парола за „братството и единството“, за чие спроведување се грижеше полицијата.
Но, во југословенските дипломатски заедници во странство, каде што поминав безмалку една деценија, допираа до моите уши првите несогласувања меѓу народите: запленет весник – љубљанска „Младина“ со нацртана крава наречена Словенија, која ја молзат другите народи. Во 1970-тите, партијата на македонските комунисти раководена од Крсте Црвенковски и Славко Милосавлевски станува почувствителна кон правата на Албанците. На почетокот на 1980-тите, со паролата „Косово република“ се радикализираа состојбите и во оваа автономна покраина. Веднаш потоа, и во Тетово… Во Приштина паднаа првите жртви, беше пукано и беа убиени демонстранти, граѓани на Југославија. Се чудев на спокојството и на безграничната верба во силата на државата на колеги од факултетот. Сметав дека убиството на демонстрантите може да го означи крајот на Југославија, која почна да се кине на најчувствителната точка – меѓуетничките односи. Во тие 1980-ти години, режимите во Србија и во Македонија, одговараат со намалување на правата на Албанците, со репресија и со чистки. Враќањето кон минатото, кон Ранковиќ кој „знаеше како треба со нив“… Погрешната политичка насока води кон пропаст на федерацијата, која ја зафаќа пожарот на меѓуетничка омраза. Во Македонија, по демисионирањето на конзервативците, се враќа на власт либералното крило на комунистичката партија, која го делегира Киро Глигоров за претседател. Глигоров со својот такт и со политичка интелигенција, на мирен начин, ја изведува Македонија на меѓународната сцена. Во 1993 година, државата станува членка на Обединетите нации. Група брилијантни албански пратеници, предводени од Абдурахман Алити имаат голем удел во спасувањето на Македонија.
Национализмот не би бил тоа, кога би знаел да возврати со повеќе достоинство за другиот. На меѓуетнички план, од првата влада на Кљусев, па натаму, ние Македонците не мрднавме со мал прст. Наспроти сите добронамерни укажувања од странство, никој дома не се грижеше поради тоа што Албанците беа катастрофално слабо застапени во органите на државната администрација. Имавме цела една декада да ја реформираме државата, согласно новите европски времиња. Залудно: целта на секоја гарнитура беше како да ја контролира, а не како да ја реформира државата. За тоа најдобри беа инструментите на старата власт, а не неизвесностите на демократскиот процес. Умерените на двете страни од етничката поделба беа збришани. „Премиерот не ми дава ништо со што би можел да се пофалам пред моите избирачи и да го зајакнам овој умерен курс…“, ми велеше Абдурахман Алити при една прошетка низ Њујорк. Тоа беа чувствата на човекот лојален на својата Македонија, со кој студиравме заедно на Правниот факултет во Скопје, човек од партизанско семејство, како и јас, кој во 1980-тите е жртва на чистките на политички функционери во Тетово. Ми беше јасно дека државата забрзано ја губи довербата и лојалноста од бројната албанска етничка заедница. Обидите на некои влади да ја сменат ситуацијата, наидуваа на отпор од раскрилениот македонски национализам, најбрзото средство за транспорт до високи државни позиции на довчерашни анонимуси. Војната во Косово, поразот на Србија од НАТО, прелевањето на вооружени групи во Македонија, но, пред сѐ, веќе загубената лојалност на Албанците кон новата држава, ја создадоа востаничката атмосфера во 2001 година.
Бегајќи од признавање на тој базичен факт, имено, дека уште пред прелевањето на албански воени формации, македонската држава одамна ја загуби лојалноста на нашите сограѓани Албанци, мои колеги професори упорно повторуваа: „сѐ уште не знаеме што ни се случи во 2001 година“. Во 2003 година во „Њубалкан политикс“ напишав дека јас знам што ни се случи! Овој, да го наречам, научен текст остана без одѕив во домашната јавност, но надвор беше цитиран и преведен во публикација на една академија на науките на соседна земја. Верував тогаш, верувам и сега, дека нема вистинско помирување меѓу Албанците и Македонците додека ние не ги разбереме причините за војната, така како што го објаснив во текстот од 2003 насловен „Причините за една војна“, чиј најголем дел го презентирам и сега пред читателите на „Фокус“.
ПРИЧИНИТЕ ЗА ЕДНА ВОЈНА
„Сѐ уште не знаеме што ни се случи во 2001 година“, е рефрен кој, во Македонија, со неподнослива леснотија го повторуваат политичарите и интелектуалците, од кои, сепак, се очекува да знаат. Во меѓувреме, навистина не знаејќи што ни се случи во 2001 година, една сосема нова генерација ученици и студенти, со чувство на загубено достоинство, протестира по улиците на македонските градови. Тоа чувство нема да исчезне сѐ додека тие не ја осознаат вистината. Оваа анализа е уште еден мој обид во таа насока.
Политичката литература, која во последнава деценија го истражува искуството на дваесет и двете држави кои настанаа со распаѓањето на Советскиот Сојуз, Југославија и Чехословачка, доаѓа до корисни генерални сознанија. Едно од нив е дека изборот на несоодветна стратегија на градење држава и градење нација во услови на демократија, може да го постави целото општество на погрешен колосек. Хуан Линц и Алфред Степан, долгогодишни истражувачи на демократиите во светот, прават една корисна шема за односите меѓу државата, нацијата (или нациите) и демократијата. Изборот на стратегија за градење држава и градење нација во услови на демократија, заклучуваат тие, зависи од конкретната ситуација во која се наоѓа државата. Ситуацијата, пак, зависи од степенот на присуство на други нации на државната територија, покрај титуларната нација. Така, ситуација прва: ако не постои друга нација, лесно се консолидира демократска нација-држава, со мнозински систем на одлучување. Ситуација втора: кога на територијата на државата, покрај титуларната има и друга нација, демократската нација-држава е можна ако другата нација не е национално разбудена.
Ситуација трета: кога другата нација е национално разбудена, тоа произведува конфликти, правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива. Демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултинационална држава. Ситуација четврта: кога покрај титуларната нација постои друга нација која е милитантна, тоа генерира толку многу конфликт или репресија, што ја прави демократската консолидација крајно неизвесна.Имено, ваквата држава ќе биде изложена на силни притисоци за територијално раздвојување, особено ако е можна територијална демаркација меѓу етничките групи. Во такви услови можно е раздвојување и воспоставување демократски систем во двете новосоздадени држави. Доколку не постои територијална основа за етничко раздвојување, мирниот „развод“ е невозможен, а продолжената милитантност не дозволува консолидација на демократијата.
Состојбата што најмногу личи на Македонија од 1991 година е ситуација три. А сепак, Уставот од 1991 година ја избра ситуација еден, поставувајќи ја Македонија на погрешен пат на демократска транзиција. Можеме да најдеме бројни оправдувања зошто се определивме токму за мнозинскиот систем на граѓанската демократија: од стравот за сопствениот опстанок, па до подивеаните национализми кои ја раскинуваа југословенската федерација долж етничките линии. Но, избирајќи ја погрешната стратегија, не само што не ја унапредивме демократијата во Македонија, туку, десет години подоцна, завршивме едно скалило подолу на споменатата листа ситуации – со милитантна албанска нација, со воен конфликт и со барање за цепење на државата долж етнички линии…
Во 1991 година, ние Македонците знаевме што е правична држава за нас и концептот го преточивме во уставен текст, кој самите си го изгласавме. Накусо: национална држава на македонскиот народ и права на малцинствата. Но, маките на демократското живеење, маките на живот во слобода за сите, а не само за нас, се огледаат во неопходноста и другите да се прашаат. Тоа не го сторивме. А кога доминацијата на Македонците во парламентот го блокира процесот на артикулацијата на интересите на Албанците во државната политика, ситуацијата се излеа на улиците. Уставниот систем, кој немаше заштитни механизми за малцинствата за да може политиката да ги апсорбира нивните барања и да ги преведе во државна политика, се најде во улога на генератор на кризата. Во такви услови, национализмот, а не демократијата стана „единствената игра во градот“, а гневот и заемната нетрпеливост растеше со секој изминат ден. Македонија зачекори на патот кој водеше до етнички конфликт. Се работеше само за време кога македонскиот национализам ќе биде предизвикан од албанскиот национализам – во форма на конфронтација меѓу двете етнички заедници. Тоа при изменети меѓународни и домашни околности ни се случи десет години по донесувањето на Уставот.
Во 2001 година, под меѓународен притисок и со помош на НАТО се прекина вооружениот конфликт, а Македонија беше принудена да ја напушти политичката стратегијата од 1991 година, која не го издржа тестот на времето. Охридскиот договор ја постави македонската демократија на друг колосек. Се најдовме во Ситуација три на Линц и на Степан, која, да се потсетиме уште еднаш, гласи: кога другата нација е разбудена, тоа произведува конфликти правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива; демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултинационална држава. Во основата на новата стратегија е консензуалната демократија, во форма на комбинација на политичкиот либерализам, кој почива врз правата на индивидуата и колективните права на народите. Но, ова решение отвори нов проблем. Во Македонија денес нема политичко движење што безрезервно би ја отфрлило старата и би се идентификувало со новата демократска стратегија. Тоа е логично. Наметната однадвор, новата демократска стратегија не е резултат на нашата свест.
Десетте години доминација на национализмот ја прави таа стратегија непопуларна кај македонскиот народ, а нема политичар во светот кој сака да биде непопуларен. Така, се добива впечаток дека дури и тие македонски политичари што го поддржуваат Охридскиот договор, на него не гледаат како на нова страница во демократската историја на државата, туку како на статистичка операција, која треба да се истурка до крај. Таквото поведение не може да биде без последици. Зашто отсуството на визија за нова, постохридска Македонија го отежнува процесот на демократска транзиција, а демократската консолидација ја прави крајно неизвесна. Во меѓувреме, не знаејќи што ни се случи во 2001 година, младата генерација работи против својата иднина.
ЕПИЛОГ
Класот по Меѓународни односи што го водев изминатата учебна 2013 година на Филозофскиот факултет во Скопје, како заеднички „Темпус“ – постдипломски проект со Универзитетот во Тетово, броеше дваесет и шест, од кои само петмина беа Македонци. Еден беше од Турција, еден од Холандија, а останатите осумнаесет беа Албанци. Јазикот на комуникација, во согласност со правилата на програмата, беше англиски. Активен и подготвен да го искаже своето мислење, еден постдипломец – Албанец, симпатично, модерно момче, не го владееше македонскиот јазик затоа што живеел во странство. На крајот од семестарот, по завршените испити, тој, заедно со своите колеги, ме покани да седнеме на кафе во ресторанот на факултетот. Почнавме неврзан разговор во кој тој ми раскажува дека неодамна се вратил во Македонија од каде што потекнува и дека ме поздравува неговиот вујко Али Ахмети, водачот на герилата од 2001.
„Се разбира дека има надеж за сите нас во Македонија“, помислив, гледајќи во интернационалниот состав на моите студенти, чии манири и знаења беа компатибилни со она на западот од Европа. Но, дека има надеж, знаев уште во 2001 година, кога во Езерски лозја во Струга, каде што го правам овој текст, заѕвони телефон. Ја бараа мојата сопруга Мирјана, да ја информираат дека интервјуто со комисијата за формирање на првиот универзитет на албански јазик, Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, ќе се одржи за некој ден. На забелешката дека во градот сѐ уште се пука, ѝ беше кажано дека за да стаса на договореното место, треба да помине низ тие и тие улици, каде што не се пука. Патот до Тетово ја водеше преку Битола, Прилеп и Скопје, зашто патот преку Кичево и Гостивар не беше во употреба, повторно поради стравот од пукотници. За мене овој потфат беше уште една потврда дека страста во нас луѓето, која ја предизвикува мисијата да се направи нешто доблесно, особено додека трае опасноста, е посилна од тоа што понатаму во времето ќе следи – кусото паметење и неблагодарноста, кои се факти на животот.
Ќе остане забележано дека низ тоа искуство поминале и некои истакнати поединци на редакцијата „Фокус“.
утре – „Аутопсија на духот“ од Арсим Зеколи